Свет

Олмерт: Воено злосторство е ова што го прави Израел во Газа

Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт го критикуваше политичкото раководство на земјата и однесувањето на нејзината војска, изјавувајќи за Си-Ен-Ен дека повеќе не е во можност да го брани Израел од обвинувањата за воени злосторства. Олмерт, кој ја водеше земјата од 2006 до 2009 година, коментираше за 11-неделната блокада на хуманитарната помош во Газа од страна […]

Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт го критикуваше политичкото раководство на земјата и однесувањето на нејзината војска, изјавувајќи за Си-Ен-Ен дека повеќе не е во можност да го брани Израел од обвинувањата за воени злосторства.

Олмерт, кој ја водеше земјата од 2006 до 2009 година, коментираше за 11-неделната блокада на хуманитарната помош во Газа од страна на Израел и зголемениот број убиени Палестинци.

„Што е ова ако не е воено злосторство?“, праша тој реторички во интервјуто за Си-Ен-Ен.

Тој рече дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и крајно десничарските членови на неговата влада „извршуваат дејствија што не можат да се толкуваат на кој било друг начин“.

Од почетокот на војната, Олмерт го бранеше Израел во странство од обвинувањата за геноцид и етничко чистење во Газа.

Но, 19 месеци по почетокот на војната, за која Олмерт рече дека требало да заврши пред една година, тој повеќе не може да ја брани таа позиција.

Поранешниот премиер напиша во израелскиот весник „Хаарец“ во вторникот: „Она што го правиме сега во Газа е војна на уништување: неселективно, неконтролирано, брутално и криминално убивање на цивили“.

Според палестинското Министерство за здравство во Газа, повеќе од 54.000 Палестинци се убиени во Газа од почетокот на војната, вклучувајќи најмалку 28.000 жени и деца.

Во јануари,пак, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека убиле повеќе од 20.000 милитанти на Хамас.

To top