
„На сите нивоа, од најмалите служби до поголемите структури, постојат елементи кои функционираат како дел од една ‘длабока држава’ не само во едно министерство, или една партија, туку во мрежи, кои понекогаш се шират низ партии, институции и понекогаш и низ етничките заедници. Но, по изборите ќе направиме ресет на системот, за да да изградиме правна држава и непристрасно правосудство.“ – истакна Христијан Мицкоски во Македонски Брод.
Обраќајќи се на овој митинг во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоганот ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ Мицкоски укажа дека неопходните реформи и ресетот на системот ќе донесат подобар живот и владеење на правото. Тој истакна дека судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судиите да судат според законот, а не според влијанија.
„Време за ресет на системот, време да ги скршиме веригите на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, со судии кои судат според законот, а не според влијанија; со институции, кои штитат, а не кои молчат; со постапки, што враќаат доверба, а не да создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин. Правдата мора да биде брза, достапна и ефективна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем ќе биде столб на оваа држава, со современи болници и достапни лекови, со стручен кадар и превенција, што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, отворени, прозрачни и никаква толеранција кон корупцијата, која потопува животи и ја кочи промената. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние, што го злоупотребувале народот. Ќе ги вратиме одговорноста и достоинството. Ќе изградиме систем, на кој ќе му служиме гордо. Заедно ќе ја допреме вистината, заедно ќе ја браниме слободата, заедно ќе ги исцелиме институциите и никогаш повеќе неправдата нема да биде нашата судбина. Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи сопирачки ја задушуваат работата на државата. Тоа се сопирачки, што се вградени во институциите, и кои дејствуваат тајно, или без сокривање. На сите нивоа, од најмалите служби до поголемите структури, постојат елементи кои функционираат како дел од една ‘длабока држава’ не само во едно министерство, или една партија, туку во мрежи. кои понекогаш се шират низ партии, институции и понекогаш и низ етничките заедници.“ – истакна премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека најавениот ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото.
„Ова не е напад врз народот, ова е повик на одговорност: каде што имало злоупотреба, ќе има истрага; каде што имало влијание, ќе има отвореност; каде што имало корупција, ќе се воведе сила на правото. Ние нема да дозволиме никој да се крие зад објави на општествените мрежи, или зад мандати, додека ги краде можностите на граѓаните. Најавуваме судска реформа, реформа на правосудството, реформа на администрацијата и целосна дигитализација на услугите, ќе ги сосечат вкоренетите врски и ќе ги вратат институциите кај граѓаните. Овој ресет не е одмазда, туку вразумување: чесноста ќе биде мерило, отчетноста ќе биде правило, а слободата и правдата повторно ќе станат неприкосновени вредности. Јас и оваа Влада ќе работиме со цела сила, рамо до рамо со граѓаните и со партнерите, што веруваат во правото, за да изградиме држава, во која институциите служат на народот, а не на сопствени интереси. Заедно ќе го направиме тој ресет. Заедно ќе ја вратиме довербата.“ – истакна Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните да излезат на 19 октомври и да гласаат масовно за број 9.
„Мене ми се јасни триковите и подземни коалиции на опозицијата, но нема да го коментирам тоа. Затоа е многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот, што верува, од народот, кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце. Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете, што сака подобро училиште, за секој млад човек, што сака работа и кој останува тука, дома, во Македонија. Нашата борба е за достоинството на секој еден граѓанин. Излезете и гласајте за број 9.“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашниот народен митинг во Македонски Брод.