
Евроголот на Езгјан Алиоски четири минути пред крајот ѝ донесе големо реми 1:1 на Македонија против осмата светска фудбалска сила Белгија во третото коло од квалификациите за Светското првенство 2026.
Левиот бек го дочека со волеј проигрувањето од Дарко Чурлинов и во манир на расен стрелец ја заби топката во белгиската мрежа за ерупција од одушевување на речиси исполнетата Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Популарниот Џани со тоа надомести за нереализираната колосална шанса во 27. минута, кога прво Елиф Елмас го погоди левиот дирек од голот на гостите, за одбиената топка Алиоски да ја испрати во десниот, и тоа на празна мрежа!
Неговиот 13. погодок во 85. настап за Македонија го круниса извонредното второ полувреме за избраниците на селекторот Благоја Милевски, во кое ВАР му поништи гол на Елмас поради тоа што неговиот проектил го „чепна“ Бојан Илиевски, кој беше во офсајд, пред да заврши зад грбот на Мац Селс.
Белгија поведе преку Максим де Кујпер од првата акција по погодената рамка од голот на Алиоски, и тоа откако одбиената топка по ударот од Ромелу Лукаку ја спроведе од неколку метри во голот на Столе Димитриевски.
Бодот ги остава македонските фудбалери во трката по сонот за историски пласман на мундијалите, иако сега се втори со 5 бода, два помалку од водечкиот Велс, кој вечерва дома го совлада аутсајдерот Лихтенштајн со 3:0.
Во понеделник Македонија ќе му гостува на Казахстан, кој е трет со 3 бода, а Белгија има еден од нејзиниот денешен старт во квалификациите.