Македонија

„Порталб“: Ќе продолжи преименувањето на улиците во Тетово, но македонските партии се против тоа

„Преименувањето на улиците во Тетово не беше завршено за време на општинската администрација 2021/25 година и беше прекинато непосредно пред годинашниве локални избори. Општина Тетово вели дека процесот ќе продолжи таму каде што застана. Албанската опозиција прашува: дали градоначалникот Билал Касами ќе има политичка моќ да ја направи оваа промена? Македонските партии не ги променија своите ставови: искажуваат спротивставување.“ – пишува во анализата, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“.

Во анализата со наслов „Советот на општина Тетово ќе продолжи со преименувањето на улиците, албанската опозиција искажува дилема околу политичката моќ на градоначалникот Билал Касами“ се наведува: Пред неколку дена беше конституиран новиот Општински совет. На следните седници се очекува да продолжи процесот на преименување на улиците, кој беше прекинат непосредно пред локалните избори. Советникот од Вреди Алби Ќамили изјави дека ќе се формира нова Комисија на Општинскиот совет и оти постапката ќе продолжи таму каде што застана. „Тетово ќе има нови имиња и броеви на улиците за секој стан, куќа, населба и село во општина Тетово. Секако дека ќе има некаков договор врз основа на бројот на општински советници, но и на бројот на жители на општината со последниот попис. Врз основа на овој сооднос ќе најдеме компромис за преименување на улиците за целиот град.“ – рече Ќамили.

Опозициската коалиција Национална алијанса за интеграција (НАИ) ќе го поддржи овој процес, но искажуваат дилема дали градоначалникот на општина Тетово Билал Касами ќе има политичка моќ да ја направи оваа промена. Советникот на НАИ Берат Мурати рече дека ќе ја поддржат оваа иницијатива, за да имаат граѓаните адреса со точно име и број. „Се надеваме дека градоначалникот на општината Билал Касами ќе има политичка моќ да ги менува имињата на улиците, не само на улиците, што се без имиња и броеви, туку ќе мора да ги менува и имињата на улиците, што се од југословенското минато.“ – посочи Мурати.

Сепак, партнерот на Вреди ВМРО-ДПМНЕ е против промена на постојните имиња на улиците. „Новиот состав на општинските советници на ВМРО ДПМНЕ сè уште не одржал состанок на оваа тема, но ставот на ВМРО ДПМНЕ е јасен и непроменет: нема да прифатиме промена на постојните имиња на улиците“, рече советникот Ангел Карапетров од ВМРО-ДМПНЕ. Против тоа е и опозицискиот СДСМ. „Ние како СДСМ сме категорични дека нема да поддржиме никаква иницијатива за промена на имињата на улиците во градот Тетово“, рече советникот Живе Алексоски од СДСМ.

Иницијативата за преименување на улиците во Тетово беше паузирана неколку месеци, бидејќи според Законот за локална самоуправа преименувањето на улиците е потребно да се запре шест месеци пред редовните локални избори и да продолжи потоа. Досега во рамките на оваа иницијатива се одржаа три јавни дебати. Сојузот на борци го предупреди Касами на 25 јануари дека најавената промена на имињата на улиците може да ја отвори „Пандорината кутија“ и да доведе до меѓуетничка нетрпеливост.

Тие поднесоа иницијатива за проценка на уставноста на преименувањето на улиците во Тетово. Иницијативата за промена на имињата предизвика и во минатиот период расправи и политички тензии. Јавниот повик за преименување на улиците во Општина Тетово беше отворен до 10 март и граѓаните можеа да ги достават своите предлози. Во моментов, според податоците од Општината, утврдено е дека во Тетово има вкупно 265 улици, од кои 111 се именувани, 113 се нумерирани, а 41 воопшто немаат име. Иако некои улици во Тетово се именувани на албански јазик, тие се користат само од страна на Општина Тетово при комуникација со граѓаните, додека во официјалните документи имињата од времето на поранешна Југославија продолжуваат да се користат. – стои во анализата на „Порталб“.

Најнови вести од: Македонија

25 илјади парчиња пиротехника запленети во еден ден

Во Билтенот на полицијата денеска можат да се забележат повеќе акции и илјадници одземени пиротехнички средства непосредно пред новогодишните празници. Кампања „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“ – годинава запленети трипати повеќе пиротехнички средства На 29.12.2025 во 17:30 часот во Струга, полициски службеници од ОВР Струга го лишија од слобода Е.Г.(32) од с.Франгово, струшко. При […]

Мисајловски: Професионалноста и трудот на вработените во министерството и припадниците на Армијата претставуваат силен столб на македонската одбрана (ФОТО)

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска, организираше предновогодишен собир со вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

To top