Македонија

Муцунски: Политичките блокади ја поткопуваат доверливоста на проширувањето на ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Виена истакна дека Македонија е доверлив партнер на Европската унија и оти придонесува кон европската безбедност и енергетска стабилност.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Виена учествуваше на состанокот на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, одржан на покана на австриската министерка за европска и меѓународна политика, Беате Мајнл-Рајзингер.

На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ кои се дел од групата „Пријатели на Западен Балкан“ – Австрија, Чешка, Грција, Италија, Словачка, Словенија и Хрватска – министрите за надворешни работи на земјите од регионот, како и високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Состанокот беше поделен во две тематски целини: работна сесија посветена на „Приоритетите во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“ и работна вечера на тема „Енергетика, безбедност и интеграција во ЕУ“.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната заложба на Македонија за забрзување на пристапниот процес и продлабочување на политичкиот дијалог и практичната соработка со Европската унија во рамките на фазната интеграција. Тој нагласи дека процесот веќе носи конкретни резултати за граѓаните и економиите, преку спроведувањето на Планот за раст, забрзувањето на трговијата со „Зелените ленти“, приклучувањето кон SEPA и други иницијативи.

Министерот уште еднаш ја подвлече неопходноста од обезбедување предвидлива и кредибилна европска перспектива за Северна Македонија и регионот, истакнувајќи ја цврстата посветеност на државата кон Европскиот пат преку спроведување на реформите, високата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, континуираниот придонес кон европската безбедност и поддршката за Украина. Тој оцени дека овие резултати ја потврдуваат зрелоста на земјата како доверлив и предвидлив партнер на Унијата. Воедно укажа дека политичките блокади кои не се засноваат на европските критериуми го поткопуваат кредибилитетот на проширувањето и се спротивни на основите на европскиот проект.

Муцунски истакна дека е неопходно суштинско забрзување на процесот преку подобра синхронизација на пристапните преговори со фазната интеграција, поинтензивно вклучување на кандидатите во секторски политики на Унијата и намалување на административните бариери. Тој оцени дека комуникацијата со европската јавност мора значително да се подобри, особено во делот на информирањето за придобивките од проширувањето и неговата важност како инвестиција во заедничката безбедност, економскиот раст и долгорочната стабилност.

Во делот на енергетските теми, министерот ја нагласи важноста од заеднички пристап кон енергетската безбедност, диверзификација на изворите, пристап до обновливи енергии и подлабока интеграција на земјите од регионот во европскиот енергетски пазар, посочувајќи дека ова е клучно за економската конкурентност и стратешката отпорност на континентот.

Најнови вести од: Македонија

Стојаноски: Македонија предводник во регионот, патничкиот авиосообраќај порасна за 27,9%

Резултатите покажуваат дека Македонија станува се попривлечна туристичка и транспортна дестинација. Аеродромите во Охрид и Скопје го имаа најуспешниот јули досега, поставувајќи историски рекорди во македонскиот воздушен сообраќај, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Тошковски: Водата во Гостивар останува исклучиво за техничка употреба, контролите ќе се засилат

Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење и останува да се користи исклучиво како техничка, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи.

Уште еден сомнителен случај на западнонилска треска

Уште едно лице, на возраст од 76 години, кај кое е потврдено воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, како и позитивна серологија од серум за вирусот западен нил е хоспитализирано во текот на изминатото денонокие на Клиниката за инфективни болести.

ВМРО ДПМНЕ: Жерновски 20 години ја цица државата, тој е талог на општеството

СДСМ се препозна и се прогласи за талог на општеството, а еден од основоположниците на тој талог е токму нивниот неуспешен амбасадор Андреј Жерновски, одговори ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Жерновски.

To top