„Жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон нашиот стратегиски партнер – Велика Британија, сега ова го прави и кон САД.“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако беше запрашан за одлуката на Вашингтон да го запре издавањето иселенички визи за 75 земји, меѓу кои и за Република Македонија.
Претседателот на македонската Влада потсети дека Министерството за надворешни работи и трговија даде свој коментар и оти одлуката на САД е поврзана со емигрантските визи. – Станува збор за емигрантските визи, а не за визи, кои се за потребите за студирање, или за туристички посети. Во деновите, што следуваат, ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани, а се однесуваат на нашиот стратегиски партнер. Но жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон нашиот стратегиски партнер – Велика Британија, сега ова го прави и кон САД.“ – посочи Мицкоски.
За време на денешниот престој во Кратово тој потврди дека Владата ја определила квотата за издавање визи за работа на странски државјани во земјата. – Издадени се визи во сите сектори во кои и досега имаше потреба. Нема некои дополнителни отстапувања. Тоа се секторите што се мапирани од страна на стопанските комори и работодавачите – изјави премиерот Мицкоски.