Претседателот на САД, Доналд Трамп, зборува за Гренланд како за стратешка предност што може да ја купи Вашингтон, додека Данска го потврди својот правен суверенитет над островот.
За Инуитите, кои живеат на територијата со векови, никој не ја поседува арктичката земја, објавува Ројтерс.
Концептот дека имотот се дели колективно е клучен за идентитетот на Инуитите. Тој преживеал 300 години колонизација и е загарантиран со закон: Луѓето можат да поседуваат куќи, но не и земјиштето под нив.
„Ние дури и не можеме да купиме сопствена земја, но Трамп сака да ја купи – тоа ни е толку чудно“, рече Калерак Рингстед, 74, во Каписилит, мала населба од дрвени куќи на брегот на фјорд источно од главниот град Нуук.
„Уште од дете, бев навикнат на идејата дека можете само да изнајмувате земја. Отсекогаш сме биле навикнати на идејата дека колективно ја поседуваме нашата земја.“
„Отсекогаш сме имале слободен живот тука, во дивината“, рече Хајди Ленерт Нолсо, водачот на селото. „Можеме да пловиме и да одиме каде било без ограничувања.“
Гренланд и неговите жители беа во центарот на вниманието минатата година кога Трамп го обнови своето барање САД да ја преземат контролата врз островот за национална безбедност и пристап до неговите изобилни минерални ресурси.
Трамп оттогаш се откажа од заканите дека САД би можеле да го земат островот со сила, велејќи дека обезбедил целосен и траен пристап на неговата земја до Гренланд во договор со НАТО, чии многу детали остануваат нејасни.
Селаните рекоа дека ги следеле насловите, но тоа не е нешто за што многу зборувале.
„Луѓето тука се заинтересирани за денот што претстои. Дали има храна во фрижидерот? Добро, тогаш можам да спијам малку подолго. Ако нема храна, ќе одам на риболов или ќе одам да ловам елени“, објасни Ванила Матиасен, данска учителка во Каписилит, која работи во градови и села во Гренланд 13 години.
Улрик Блидорф, адвокат во Нуук и сопственик на фирмата „Инуит Ло“, рече дека Гренланд, автономна данска територија, нема приватна сопственост на земјиште.
„Не можете да поседувате земјиште во Гренланд“, нагласи тој. „Така е откако нашите предци дојдоа тука. Денес имате право да го користите подрачјето каде што е вашата куќа.“
Речиси 90 проценти од населението на Гренланд, кое брои 57.000 жители, се домородни Инуити, кои го населуваат островот околу 1.000 години.
Ракел Кристијансен, вели дека Инуитите се сметале себеси за привремени чувари на земјиштето.
„Според нашето разбирање, сопственоста на земјиштето е погрешно прашање“, објасни таа.
„Прашањето треба да биде кој е одговорен за земјиштето. Земјата постоела пред нас и ќе постои и по нас.“