Македонија

Се прават напори пораките од „Сејф сити“ да стигнуваат и на албански јазик за да не се злоупотребува проектот

Мицкоски не сака проектот да се злоупотребува со националистички призвук

Ќе се направат напори известувањата за прекршоците од „Безбеден град“ да се согласно со Законот за јазиците, за да не може да се користи проектот за собирање политички поени со националистички призвук, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

– За да не го злоупотребувате ова во националистики призвук, веднаш ви кажувам ќе сторам сè со МВР казните, опомените или информациите да бидат согласно Законот за јазици, за да немате таков аргумент, за да не мислите дека некој има против тоа. Напротив секој живот ни е драг, мил. Ние не сакаме луѓето да гинат и покрај тоа што ќе трпиме политички реперкусии – рече Мицкоски во одговор на пратеничко прашање од Илире Даути од Алијанса за Албанците.

Тој вели дека иако во поставувањето на прашањето таа имала повеќе констатации, во суштина заклучокот е, како што истакна, дека „не сакате да се спроведе проектот и законот“.

– Тоа е суштината на вашиот говор. Јас тоа можам да го заклучам, а мислам и македонската јавност. Па, сега вие изнесувате неколку дилеми меѓу кои велите дека инфраструктурата не била прилагодена, па требало да се прилагоди и така натаму. На 27 јануари, пред два дена затекнати се вкупно 76 нерегистрирани возила, каква врска има тука инфраструктурата. На истиот ден најголема измерена брзина е 196 километри на час. Како формула да возеле, значи има инфраструктура – рече премиерот.

Околу Законот за јазици, вели дека јавно кажува оти треба да се прилагодат пораките на овој закон.

– Ако мислите дека тоа е пречка веднаш ви кажувам да се прилагоди и нема никаков проблем. Ако може за ова да спасам некој живот во Тетово, Скопје, Куманово, насекаде во Македонија. Вие не сакате ова да фунционира и мислите дека со тоа што ќе излезете и ќе играте на картата на ниски страсти и на картата на тоа дека ќе се казнуваат сите прекршители на закон дека ќе добиете политички поени, па го сведувате на етничка припадост, национализам. Тоа не сакам ниту да го коментирам – истакна Мицкоски.

Додаде дека дека проектот треба да се реализира на целатата територија на Македонија, но најголем дел од прекршоците се прават токму во Скопје.

– Вкупно околу 8.000 илјади прекршоци се регистрирани на 27 јануари, од кои 75 посто се во Скопје, а во Куманово и во Тетово се само по 6,5 проценти. Од нерегистрираните возила, 56 се Скопје – рече премиерот.

Според него, целта не е да се казнува туку да се намали бројот на прекршоци.

– Пред два дена беа 8.000, многу е, но, на почетокот беа 108.000 – истакна премиерот Мицкоски.

Пратеничката Илире Даути рече дека од претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе побара да не става потпис на Законот со кој се овозможува функционирање на овој проект, бидејќи за него немало јавна расправа и согласно тоа не биле вградени сите забелешки.

Во врска со тужбата на пратерникот Зијадин Села до Уставниоот суд во врска со „Безбеден град“, Мицкоски рече дека е лага дека проектот има етничка заднина.

Граѓаните без исклучок сакаат да имаат помалку сообраќајни незгоди, и да има помалку жртви и последици од тие сообраќајни незгоди, рече тој.

– Анализите покажуваат дека три четвртини од прекршоците се направени во Скопје. Некои работи едноставно и искусни политичари како Зијадин Села дали намерно, свесно или несвесно се обидуваат да ги направат такви да не соодветствуваат со реалноста. Мислат дека ако излезат во јавноста со пораки, дали биле против една етничка група, во насока на друга етничка група, ќе добијат политички поени, а на тие поени и некаков политички легитимитет. Но фактите го зборуваат спротивното, колку повеќе има вакви настапи, толку повеќе назадуваме во политиката и помалку поддршка се добива од граѓаните – посочи Мицкоски.

Тој додаде дека проектот има огромна јавна поддршка.

– Кога ќе ги прашате граѓаните при организирање на анкети, јавно мислење, акламативно, повеќе од 80 проценти го поддржуваат. Повеќе од две третини од Албанците го поддржуваат. Затоа мене не ми е јасно кому му се обраќа подносителот на тужбата во Уставен суд, човек којшто со децении е присутен на политичката сцена. Елементарно е во политиката, ако не знаете што да направите, направете мерење за да слушнете јавно мислење, што мислат граѓаните. Па потоа влегувајте во какви било авантури. Статусот во моментов е тој, 80 проценти од граѓаните го поддржуваат. Дали тој ќе продолжи и во кој интензитет ќе се зголемува или намалува, ќе видиме. Но, ние сме свесни со сиот ризик само со една цел влегуваме во проектот, а тоа е да спасиме човечки живот повеќе. И друг мотив нема – рече Мицкоски.

Нагласувајќи дека ваков систем постои во речиси секоја европска метропола, Мицкоски откри дека следна фаза, по „Безбеден град“, ќе биде проектот „Безбедна земја“.

– Следува следната фаза, „Безбедна земја“, со којшто границите ќе ги обезбедиме, ќе имаме систем за рано детектирање на пожари, да ги најдеме виновниците коишто прават таков тип на хибридни напади врз државата и врз граѓаните, веднаш да ги детектираме и извадиме пред лицето на правдата. Систем со којшто криминалците нема да ни бегаат преку граница откако ќе сторат криминал, туку ќе бидат веднаш препознаени фатени санкционирани и однесени таму каде што треба да бидат. Тоа е суштината на одговорна Влада. И тоа се храбри потези во политиката. Не се храбри потези уставни измени или на сила менување имиња. Ова е храбар потег, којшто ќе донесе квалитет во животот на граѓаните и ќе спаси човечки животи, тоа е храбар потег по цена и на политичка штета. Тоа се храбри и истовремено државнички потези – посочи Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

Советот на Европа го затвори пост-мониторинг дијалогот со Македонија

Пратениците на Паралментарното Собрание одлучија да го затворат пост-мониторинг дијалогот и да продолжат да ги следат случувањата во земјата преку својот механизам за редовен периодичен преглед

To top