Се кројат лозјата во Тиквешко, на големо се работи во лозовите насади во најголемиот лозаровинарски регион во државата, рече денеска Дане Јошев, претседател на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“.
– Лозарите кројат и пред верскиот празник Свети Трифун, што се одбележува како заштитник на лозарите и овоштарите и се слави на 14 февруари, кога на симболичен начин започнува резидбата на виновите лози. Со резидба порано започнаа оние, кои имаат поголеми плантажи со винови лози, па не можат да чекаат, оти ако чекаат, нема навреме да ја завршат оваа операција, истакна Јошев.
И други лозари нагласија дека морале порано да започнат со првата операција во лозовите плантажи, од новата производствена лозарска сезона.
– Мораме да ги кроиме лозјата, не можеме да го чекаме верскиот празник Свети Трифун, кога на симболичен начин традиционално се стартува со оваа операција со која започнува новата лозарска сезона. Не можеме да чекаме поради тоа што имаме големи површини под лозов насад, па ако го чекаме празникот за да сториме сефте во лозјата, нема да стигнеме навреме да ги завршиме сите работи поврзани со резидбата на лозовите прачки, подвлекоа тие.
Додадоа дека ќе го слават празникот, но, дотогаш ќе го искористат времето за да ги поднамалат работите во нивните ниви.
– Сепак со резидбата имаат побрзано оние кои имаат големи земјоделски површини засадени со лозје, оние помалите производители на грозје сепак ќе го почекаат празникот и докрај ќе ја испочитуваат традицијата во највинската област на државата. Лозаропроизводителите кои имаат поголеми парцели со винови лози мораат да побрзаат со кроењето и поради една друга причина, која станува сè поактуелна во регионот. Имено, голем број од аргатите кои во минатото можеа да бидат ангажирани околу резидбата и изнесувањето на искроените лозови прачки од лозјата, се вработија во германската фабрика во Кавадарци и тешко може да се дојде и до слободна аргатска рака. Се менуваат работите на пазарот на трудот во Тиквешко, па сега или не можете да најдете добар аргат или се соочувате со зголемени цени за услугите за аргатска работа, споделија тие.
Нема никаква штета по лозјата ако резидбата на лозовите прачки се изврши порано, рекоа експерти кои ги консултиравме на оваа тема.
– Лозарите го користат секој погоден ден за кроење. Кога се крои порано, вообичаено се стравува да не наидат ниски температури што можат да доведат до мрзнење, но, температурите оваа зима, засега не предизвикаа последици кај лозовите насади, нагласија тие.