Македонија

Општина Охрид ги засилува активностите за затворање на депонијата „Буково“ и воспоставување нов систем за комуналниот отпад

Завршена е постапката за избор на проектант за изработка на техничката документација за затворање на нестандардната депонија „Буково“, а во тек се и активностите за изградба на претоварна станица кај Мауцкер и собирен центар во Охрид. Претоварните станици и Регионалниот центар за управување со отпад во Новаци се очекува да бидат функционални во 2030 година. Ова беше истакнато на денешната средба во Општина Охрид, посветена на новиот Регионален план за управување со отпад и воспоставувањето интегриран систем за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион.

Општинскиот секретар, Александар Китески, информира дека за собирниот центар е определена локација на улицата „Железничка“, за која веќе е експроприрано земјиштето, а во предлог-буџетот за следната година се предвидени средства за измена на урбанистичкиот план.

– Очекуваме во текот на следната година да биде завршена проектната документација за депонијата „Буково“. Таа ќе ги даде насоките за потребните финансиски средства, фазите и временскиот период за нејзино затворање – рече Китески.

Раководителот на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, Емил Ангелов, посочи дека е изработен шестгодишен плански документ со проценета финансиска рамка од 45,5 милиони евра, од кои се обезбедени повеќе од 30 милиони евра.

– Очекуваме претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да бидат функционални во текот на 2030 година. Останува да се зајакнат капацитетите на комуналните претпријатија, но и да се обезбеди активно учество на граѓаните – истакна Ангелов.

Планот опфаќа изградба на регионална инфраструктура, подобрување на селекцијата и собирањето на отпадот, затворање на 16 нестандардни депонии и диви ѓубришта, како и јакнење на институционалните капацитети и комуникацијата со граѓаните.

Регионалниот систем ги опфаќа сите 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, кои ќе користат заеднички регионален центар во Новаци, претоварни станици и општински собирни центри.

Најнови вести од: Македонија

Зафировски за признанието на Михаилова за ДАНС: Ова е бугарска пародија, во која самата се излаја за поврзаноста со тајните служби

Срамота и давање автогол, бугарска пародија во која Ива Михаилова самата недоветно се излаја за улогата на тајните служби и бугарската ДАНС во целиот нејзин „случај“, посочи безбедносниот аналитичар Воислав Зафировски во „За македонските работи“ со Љупчо Цветановски. Недораснато дете кое избрза и искрено си кажа се што треба и не треба, класичен автогол во полза на Македонија за случај кој беше поддржан и од највисоките бугарски функционери.

Муцунски: Проширувањето на ЕУ е геополитичко обединување на Европа и стратешка инвестиција во постабилен и побезбеден континент

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Скопје се обратил на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, организирана од германскиот институт „Аспен“ (Aspen Institute Germany) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„КАЖИ НЕ!“ – кампања на МВР против сексуалната злоупотреба на деца во дигиталниот простор (ВИДЕО)

Целта на кампањата е да се подигне свеста кај децата, младите, родителите и пошироката јавност за препознавање и спречување на сексуалната злоупотреба во дигиталниот простор

Јовановски: На негирањата на македонската историја ќе одговориме со научна храброст и смиреност

„Од национални приказни до испреплетени истории“ е насловот на дводневната меѓународна конференција што ја организира Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ по повод 80 години од неговото основање. Програмата опфаќа неколку пленарни и тематски сесии посветени на историските процеси, националните наративи, културните и дипломатските односи, како и на современите пристапи во историските истражувања. Учесниците ќе се претстават со реферати за историјата на Македонија од средновековниот период до современата државност, за односите на Балканот, османлискиот период, светските војни и меѓународните историски влијанија.

Најнови вести

To top