Еурофарм Пелистер со бод се враќа од Данска, кадешто одигра нерешено 28:28 со ГОГ Гудме во првиот натпревар од 12. коло во ракометната Лига на шампионите.
Стрелец на голот за петти бод сезонава во елитното клупско натпреварување беше Анџеј Видомски, кој погоди од 10 метри шест секунди до крајот, и тоа со играч помалку по црвениот картон за најновото засилување Никола Граховац 46 секунди до последниот звук на сирената!
Токму Полјакот беше најефикасен кај македонскиот првак со 7 гола од 8 удари, пред Граховац со 6/8 и капитенот Филип Кузмановски со 6/11, а голманот Никола Митревски правеше чуда на голот, завршувајќи го мечот со 11 успешни интервенции.
Битолчани со ова реми математички остануваат во игра за место во елиминациите, иако тешко достижно со оглед на дуелите со Пари Сен Жермен дома и со Барселона на нејзин терен во последните две кола.