Спорт

Ракометарите на Вардар има за што да жалат и против Нант

Нереализираните „зицери“ во двата последни напади, наместо победа, ги чинеа „црвено-црните“ пораз од 33:32 во Скопје

Слично како против Мелсунген во Касел на стартот од Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар тесно загубија и од Нант во Скопје, кадешто францускиот вицепрвак славеше со 33:32 со гол од седмерец осум секунди пред крајот.

Левото крило Ноам Леополд, најефикасен на натпреварот со 13 гола од 16 удари, беше непогрешлив и во осмиот обид од линијата од 7 метри, наспроти само едниот досуден пенал за „црвено-црните“, за втора драматична победа едноподруго за поранешниот тим на македонската ракометна легенда и актуелен селектор Кирил Лазаров.

Под сводовите на арената „Јане Сандански“ завладеа огромно разочарување меѓу навивачите на двократниот освојувач на ЛШ, кои буквални ги носеа своите миленици во текот на целиот меч, но (не)среќата сакаше првата виолина во вардаровиот оркестар Јака Малус од јунак, со реализација 6/7 до финишот, да се претвори во трагичар на крајот.

Во последните две минути словенечкиот бек прво загуби топка во нападот, за во (по)следните два двапати да бие од стопроценти позиции во дотогаш „невидливиот“ гостински голман Кристофер Бонд во второто полувреме…

Македонскиот шампион беше поблиску до победата во завршницата, влегувајќи во последните три минути со водство од 32:31, пред тешко повторливиот неповолен след на околности да го лиши составот на Иван Чупиќ од победа во првиот настап пред своите фанови во ЛШ по 4,5 години.

Остана ненаградени брилијантната партија на десниот бек на вардарци Мохаб Абделхак, најефикасен во домашниот тим со 10/14, потоа „откритието“ Матео Фадуил, кој ја заврши средбата со 5/8, колку што оствари и Леон Љевар. Вукашин Воркапиќ застана на 5/6, а Малус на 6/9.

 

Најнови вести од: Спорт

Рекордни 15 илјади и 50 тркачи од 63 држави на „Виз ер“ Скопскиот маратон!

Главниот град на Република Македонија денеска повторно пулсираше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија улиците на градот, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации, која со аплаузи и бодрење беше со нив од првите метри до целта. Сонцето, насмевките и доброто расположение го претворија денот во вистинска прослава на трчањето, со Скопје во центарот на една голема спортска приказна.

To top