Македонија

Претседателката ја прими Карол Межеван, директорка на Светска банка за Македонија и Косово

Очекување приоритетите на Светска банка за земјава да бидат идентични со македонските национални приоритети

 

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Карол Межеван, директорка на Светска банка за државава и за Косово, која престојува во прва посета откако стапи на функцијата на почетокот на овој месец.

 

 

Изразувајќи благодарност за досегашната три децениска поддршка, Сиљановска-Давкова изразила очекување дека соработката со Светска банка, со новата директорка ќе резултира со поголеми придобивки за македонското општество. Таа посочи дека од 1993-та година досега, се одобрени над 100 проекти во вредност од 2,2 милијарди долари преку коишто се зајакнаа системите за вработување и за социјална заштита, се унапреди одржливиот, зелен раст, со краен бенефит – посилна македонска економија и подобар квалитет на живот на граѓаните.

 

За трасирање на патот кон одржлив развој, како што нагласува Сиљановска-Давкова, одлична основа претставува Рамката за партнерство на Светска банка 2024–2028, особено ако се има предвид дека таа е усогласена со националните приоритети и се фокусира на три основни цели: подобрување на испораката на јавни услуги преку подобрен административен капацитет и ефикасно јавно трошење, зголемување на бројот на нови работни места во приватниот сектор преку дигитализација, усогласување со стандардите на ЕУ и зајакнување на основните вештини и механизми за транзиција на работните места, како и зголемување на отпорноста на климатските промени преку поддршка на енергетската ефикасност, почист воздух и подобра инфраструктура.

Примарна цел на Светска банка, којашто и самата се трансформира одвнатре, како што истакнува Карол Межеван, е да го поддржи развојот на земјава, преку имплементирање на најдобрите практики и искуства. Потенцираше дека во нејзиниот мандат ќе се залага за инклузивен економски раст на државата, каде секој ќе добие подеднакви можности за домување, образование и вработување, за подобрување на инфраструктурата, како и за дигитализација.

Истакнувајќи дека средбата со претседателката Сиљановска-Давкова е нејзина прва средба со претставници на државниот врв во земјава, Межеван изрази очекување приоритетите на Светска банка за земјава да бидат идентични со македонските национални приоритети, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Најнови вести од: Македонија

Кој и зошто му го хакирал мејлот на главниот државен ревизор Максим Ацевски?!

Хакиран бил мејлот на главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, соопшти Државниот завод за ревизија. Можеби е некакво совпаѓање, но Ацевски само еден ден претходно, на 30 јули во интервју за ТВ 24 изнесе дека гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ уште од 2007 година работи неодговорно и неефикасно, а неговата сметка во континуитет е блокирана.

Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Обвинител во Вишото обвинителство грубо манипулирал, соучесник е во ова, ќе има истрага!

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го следи случајот со враќањето на пасошот на Борче Марковски, обвинет за злоупотреби од страна на Основниот суд во Струга, и посочи дека во него, како што истакна, „има груба манипулација од локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес“.

Армијата на Република Македонија доби 53 нови офицери, Мисајловски им порача: Ќе бидете чувари на мирот, стабилноста и безбедноста

Армијата на Република Македонија денеска доби 53 нови офицери на свечената промоција што се одржа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Промовирани беа 36 питомци од 26. класа, 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за службите на Армијата, како и еден питомец, кој дипломирал на престижната Воена академија Вест Поинт во Соединетите Американски Држави.

Јачева- Улчар: Зад посебноста на македонскиот јазик стојат чувствата на македонскиот народ, но и аргументите на европската наука уште пред 120 години!

„Историјата на македонскиот јазик не ја испишувале само Македонците. Во неа своја трага оставиле и некои од најголемите европски лингвисти на своето време. Кога денес зборуваме за македонскиот јазик не смееме да заборавиме дека зад неговата посебност не стојат само чувствата на еден народ. Стојат и научни аргументи изградени многу пред создавањето на современите држави на Балканот. Историјата на македонскиот јазик не треба да се брани со пароли, туку со документи и факти, кои сведочат дека уште пред повеќе од еден век најугледните европски лингвисти го препознале она што денес некои сѐ уште се обидуваат да го негираат.“ – нагласува д-р Елка Јачева – Улчар, професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во својата објава на фејсбук со наслов „За посебноста на македонскиот јазик“.

To top