Македонија

Ќе се гради кружен тек кај Народна банка и две монтажни катни гаражи во рамки на Клинички центар

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека средствата се обезбедени без нови задолжувања и дека ќе бидат вложени во проекти кои директно треба да го подобрат секојдневието на граѓаните

Со ребалансот на буџетот што денеска го усвои Советот на Град Скопје  се обезбедуваат дополнителни 166 милиони денари за нови капитални инвестиции, меѓу кои изградба на кружен тек кај Народна банка на  Македонија и две монтажни катни гаражи во рамки на Клинички центар „Мајка Тереза“.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека средствата се обезбедени без нови задолжувања и дека ќе бидат вложени во проекти кои директно треба да го подобрат секојдневието на граѓаните.

„Денес на седницата на Советот на Град Скопје беше усвоен ребалансот на буџетот со кој средствата се зголемуваат за дополнителни 166 милиони денари. Тоа се средства што директно ги враќаме кај граѓаните преку нови капитални инвестиции за нашиот град“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека зголемувањето на буџетот не е резултат на нови задолжувања.

„Ова е пример како со домаќинско и одговорно работење, со дисциплина и посветеност, се создава простор за повеќе инвестиции и повеќе проекти кои директно го подобруваат животот на скопјани“,  рече градоначалникот.

Еден од клучните проекти е изградбата на нов кружен тек кај Народната банка, што треба да го олесни сообраќајот на едно од најоптоварените крстосници во градот.

Паралелно со ова, ќе започне и изградбата на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Со гаражите кои ќе имаат капацитет од околу 500 паркинг места, а инвестицијата е проценета на околу три милиони евра “конечно ставаме крај на долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс кој со години создаваше нервоза и неизвесност за пациентите и нивните семејства“  изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека гаражите ќе бидат во надлежност на Град Скопје.

Со ребалансот на буџетот се предвидуваат инвестиции и во образованието. Во училиштата под надлежност на Град Скопје ќе се воведат топлотни пумпи, со што ќе се укине греењето на нафта.

„Инвестираме во топлотни пумпи со што повеќе нема да има училиште во рамки на Град Скопје кое ќе се грее на нафта. Тоа е голем чекор напред кон почист воздух и поздрава животна средина за нашите деца“, рече Ѓорѓиевски.

Дополнително се предвидува поставување фотоволтаици, санација на училишни дворови и поставување нова урбана опрема.

„ Кај мене зборот е збор. Нема импровизации и празни ветувања. Има работа, и само работа“, порача градоначалникот.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски во Берлин на собир на ,,Коалицијата на волните”

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска во Берлин учествуваше на состанокот на Коалицијата на волните посветен на актуелната состојба во Украина и напорите за постигнување мир

АмЧам: Реформите, иновациите и меѓународните стандарди предуслов за подобра здравствена заштита

Американската стопанска комора во Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на Соединетите Американски Држави и на мрежата на Американски стопански комори во Европа, организација која претставува 49 Американски стопански комори од 47 земји во Европа и Евроазија.

Велјановски до опозицијата: Не може да се заборави како ја пљачкавте државата

На денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет каде се дискутираше Предлог-Буџетот за 2027 година, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, кажа дека и покрај долговите наследени од претходната влада, предводена од СДС, кои се тежок товар за државата, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со силни инвестиции, со работа на фискална консолидација, но и со зајакнување на здравствената и социјалната заштита на граѓаните.

Ристески: Клучен приоритет на Владата е да ги задржи младите во Македонија

Законот за сезонски работници што е во сила од 1 јануари 2026 година, сѐ уште не ги дава очекуваните резултати, но ова не е закон направен за една година. Затоа организираме информативни средби и настани со помош на медиумите, стопанските комори, работодавачите и синдикатите – за да ги анимираме луѓето дека пензионери, студенти, оние кои сакаат дополнително да работат и сите категории невработени лица можат да го искористат, без притоа да го изгубат стекнатиот статус, да имаат комплетно пензиско и здравствено осигурување, фер ангажман, платен работен час колку што се ангажирани дополнително и со тоа да остварат дополнителни приходи – рече денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

To top