Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на завршната сесија на Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, што се одржа денеска во Скопје во организација на Владата.

Според претседателката, трагедијата во Кочани останува длабока рана и траен потсетник за потребата од одговорност, подготвеност и солидарност во справувањето со кризни ситуации.

За неа од трагичното искуство мора да се извлечат лекции за изградба на посилен и поефикасен систем што ќе го штити човечкиот живот.

Конференцијата за трагедијата во Кочани Сиљановска-Давкова ја препознава како важен чекор во процесот на експертска евалуација на стореното. Во тој процес особено е важно да се систематизираат научените лекции заради зајакнување на нашата подготвеност за соодветен одговор при слични состојби.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето:

Почитувани министри, почитувани лекари, медицински експерти и претставници на институциите, почитувани амбасадори, почитувани учесници на конференцијата,
Дами и господа,
Tрагедијата во Кочани беше момент на национален шок, длабока човекова болка, ерупција на сочувство и солидарност, но и момент на политичка и општествена катарза. Пред огледалото на совеста и одговорноста се најдовме сите и сеуште сме.
До крајот на животот ќе ја помнам сликата од утрото по трагедијата: пред болниците беа родителите и блиските, а внатре започна лекарската битка за животите на нивните деца. Атмосферата беше исполнета со страв, неизвесност, но и надеж. Сите посакувавме лекарите да го направат не само нужното и можното, туку и неможното.
Впрочем, Хипократ укажа дека „животот е краток, а уметноста на медицината долга“. Јас верував во знаењето, искуството и пожртвуваноста на лекарите, цврсто убедена дека медицината е не само наука, туку и една од најхуманите професии.
Една година потоа, сметам дека донесовме вистинска политичка и медицинска одлука кога решивме најтешко повредените пациенти да ги пратиме надвор.
Брзо воспоставената и интензивна координација меѓу македонските институции, здравствениот систем и меѓународните партнери, овозможи спасување на многу млади човечки животи. Ме допреа хуманоста и солидарноста на соседите, брзината на активирањето Европскиот механизам за цивилна заштита, меѓународната солидарност.
Многу брзо, на помош притекнаа медицински експерти од странство во спасувачката мисија.
Дел од нив се повторно тука, сега во поинаква улога, не само како докажани спасувачи, туку како учители на идни генерации лекари.
Трагедијата во Кочани покажа дека здравствениот одговор на катастрофи не само медицинско прашање, туку и политичко, финансиско, етичко и морално, како и дека истиот во голема мера зависи од демократскиот капацитет на државата, институционалната подготвеност и интерсекторската координација, од професионалната компетентност, како и од односот кон прашањето за одговорност.
Едно е јасно: во современи услови, тешко е, па дури и невозможно некој здравствен систем сам да се справи со проблем како кочанскиот.
Исто така, јасно е дека ефикасноста на справувањето со здравствените кризи зависи од претходно стекнатиот имунитет на кризи: сали, опрема, кадар, специјализирано знаење, стандарди, обуки, планови, протоколи, контакти…
За мене, оваа конференција е можност за експертска евалуација на успехот на превземените тераписки постапки во третирањето на пациентите како и детерминирање на следните нужни постапки на лекување.
Верувам дека сите, а најмногу нашите лекари ќе имаат полза од компаративните искуства за институционалните и клиничките аспекти во справувањето со вакви трагедии и лекувањето на повредените, со оглед на мултидимензионалниот фокус на конференцијата: почнувајќи со европската и меѓународната координација во активирањето на механизмите за цивилна заштита, преку здравствениот одговор во третирањето на тешките изгореници, нужноста од примена на мултидисциплинарен пристап во рехабилитацијата и долгорочното закрепнување до научените лекции за важноста на улогата на општествената заедница во справувањето со трагедии од ваков тип.
Сеуште е релевантно старото медицинско правило: “praevenire potius quam curare” (подобро е да се превенира отколку да се лекува), односно да се постапува ex ante, наместо post festum.
Голем бенефит гледам во нашето посегање по конкретни системски мерки, како: усвојување на Национален план за справување со масовни жртви, воспоставување на нови медицински протоколи и зајакнување на институционалната координација во кризни ситуации. Тие покажуваат дека здравствениот систем, но и државата, целат, по трагичното искуство да ја зголемат подготвеноста, да ја подобрат организација и да овозможат побрз и поефикасен одговор на можни слични идни предизвици, кога секоја минута и секој превземен чекор се важни за спасување на нечиј живот.
Во членот 1, нашиот устав ја дефинира државата и како социјална, а во членот 39 „ на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, но тој, исто така има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“.
Трагедијата во Кочани не останува само незаборавен болен спомен, туку станува постојан потсетник.
Фактот што денес зборуваме за нова парадигма говори за нашата решеност да се подготвиме за слични трагедии.
Да потсетам на Вацлав Хавеловата мисла дека: „вистинската сила на една држава не се гледа во моментите на стабилност, туку во начинот на кој се соочува со своите кризи“.
Демократските системи се поотпорни на кризи и полесно се справуваат со нив. Кризата е лакмус за демократскиот капацитет на политичкиот систем.
Од Агендата на конференцијата гледам дека акцентот е на медицинската димензија, но таа е неразделна од етичката. Преживеаните и нивните семејства ќе ја носат траумата доживотно, но ние имаме обврска да бидеме со нив и покрај нив, поддржувајќи ги.
Кочанската апокалипса, покрај раните, за коишто сум сигурна дека ќе зацелат, ни остави предупредување дека без стандарди, без правила и без одговорност ниту една дејност не може безбедно да функционира и дека апсолутно никој и ништо, не смее да биде поважен и поважно од правото на живот!