Според најавите, носител на проектот е Општина Бутел, додека Министерството за здравство ќе учествува како партнер во неговата реализација. – Потпишан е договорот за изградба на нова поликлиника. Ова е историски момент за граѓаните на Бутел – објави Костовски. Новата здравствена установа ќе нуди широк спектар на услуги, меѓу кои РТГ- кабинет со ехо, лабораторија и аптека. Предвидено е да има и пункт за итна медицинска помош, како и ноќна служба, што значително ќе ја подобри достапноста на здравствената заштита за жителите.

Поликлиниката ќе се гради на местото на постојната стара амбуланта, согласно деталниот урбанистички план донесен во февруари 2024 година. Градоначалникот Костовски најави дека изградбата ќе започне наскоро, а проектот го оцени како еден од најзначајните за општината во последните години.