Македонија

Арсовска доби 24-часовно полициско обезбедување

Во текот на денешниот ден МВР поднесе кривична пријава против две лица С..Љ и С.Љ за вчерашниот инцидент за нападот врз градоначалничката

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по вчерашниот инцидент во Општина Чаир, врз основа на оперативни сознанија и безбедносна проценка изготвена од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), донесена е одлука за определување 24-часовни мерки за обезбедување на градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска.

Градоначалничката во текот на денешниот ден ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита.

МВР останува посветено на својата основна мисија да обезбеди сигурност и заштита за сите граѓани на Македонија, без оглед на нивниот општествен или институционален статус. Министерството постапува согласно своите законски надлежности, темелно и професионално, во секој поединечен случај.

Во однос на последните настани поврзани со г-ѓа Арсовска, МВР посочува дека и покрај тоа што таа во повеќе наврати јавно комуницира за закани преку социјалните мрежи, институцијата постапува по сите добиени информации било по службена должност, било по официјална пријава согласно законот и воспоставените процедури.

Во таа насока, ја информираме јавноста хронолошки за следните конкретни случаи:

На 01.06.2025 година, г-ѓа Арсовска била изложена на закана од возило во движење. Иако нејзината првична реакција не вклучувала информирање на МВР, полицијата веднаш постапи по сопствени оперативни сознанија, обезбедувајќи материјални докази. Веќе е поднесена кривична пријава по член 144 став 4 од Кривичниот законик против едно лице.

На 02.07.2025 година, градоначалничката преку социјалните мрежи пријави закана од лице за кое беше посочено дека е полициски службеник. На 03.07.2025 година, инспектори од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди извршија службена посета на Град Скопје, утврдија фактичка состојба и земаа изјава од градоначалничката, при што беше сочинет соодветен записник. Против пријавениот полициски службеник е поведена дисциплинска постапка.

На 05.07.2025 година, во јавноста беа објавени информации за закани упатени кон советничката Ирена Витина. Веќе на 08.07.2025 година, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди воспостави контакт со советничката и иако таа одби да дојде во полициска станица, службени лица повторно извршија теренска посета. И овој случај се работи согласно пропишаните процедури.

На 11.07.2025 година, по инцидентот во Општина Чаир, г-ѓа Арсовска по укажаната лекарска помош се упати во полициска станица, а исто така веднаш беа приведени и лицата кои беа посочени дека ја нападнале. Сепак, градоначалничката одби да потпише записник за примање на пријава и ги напушти просториите на полициската станица. Во јавноста повторно се обрати исклучиво преку социјалните мрежи, без да ги информира надлежните институции на соодветен начин.

Во меѓувреме МВР во текот на денешниот ден поднесе кривична пријава против две лица С..Љ и С.Љ по член 386 став 3 од КЗ, за вчерашниот инцидент за нападот на градоначалничката Арсовска.

Имајќи го предвид сето горенаведено, Министерството за внатрешни работи најостро ги отфрла сите обвинувања дека не постапува во случаите поврзани со г-ѓа Арсовска. Напротив, МВР професионално делува во секој поединечен случај, со целосна институционална транспарентност и во рамки на законски пропишаните овластувања.

Со оглед на безбедносната проценка направена од АНБ, градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски.

Министерството уште еднаш апелира сите јавни функционери да соработуваат со институциите на системот и да не ја користат јавноста или медиумите како единствен канал за известување за потенцијални закани, туку најпрво да се обратат до надлежните органи, со цел навремено и ефикасно постапување.

Најнови вести од: Македонија

Али Ахмети подготви „метла“ за „седум истрошени и компромитирани личности“ од врвот на ДУИ?! – А ќе има ли и за него и кога?!

„Лидерот на ДУИ Али Ахмети подготви список на имиња, за кои се очекува да го напуштат раководството на партијата, отворајќи го патот за нови, професионални личности без негативен багаж. Меѓу првите, што заминуваат, се: Фатмир Дехари, Муса Џафери, Џеват Адеми, Теута Арифи, Рамиз Мерко, Садула Дураку и Реси Абдурахмани. Нивното заминување од раководната структура се смета како прв сериозен сигнал за длабока реформа и за изградба на пофункционална и подоверлива ДУИ. Долгото останување на овие луѓе во врвот на партијата создаде претстава за една затворена и крута структура, неспособна за реформи и да им понуди надеж на гласачите, особено на младите.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“, изнесувајќи сознанија за наводна можна чистка во раководството на ДУИ, која би се извршила на нејзиниот конгрес, закажан за 20 декември 2025 година.

(Видео): СДСМ избира нов тим, нова сила – нова енергија, вели Венко Филипче

Филипче нагласи дека ангажманот во партијата нема да зависи исклучиво од формалните функции, туку ќе се проширува, додавајќи дека СДСМ активно работи на отворање на партијата кон младите, граѓанските организации, видни интелектуалци и политички чинители, со кои заеднички ќе се градат политиките.

(Фото): Скопје како „Новoгодишна зимска бајка“ – магија во главниот град

На скопскиот плоштад „Македонија“, во присуство на жители на главниот град и граѓани од целата држава, вечерва свечено беше осветлена новогодишната елка и отворен Божиќниот маркет, со што и официјално започна празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“, која ќе трае до 31 декември.

Мицкоски: Нема никаква врска дека ќе се населуваат мигранти, ова е тема измислена од СДСМ, за да ги скријат внатрешните проблеми

Нема вистина во пишувањата на британските медиуми за мигрантски кампови во Македонија!“ – порача Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Македонија во вечерашното интервју во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

To top