Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод празникот Воскресение Христово – Велигден упати порака до верниците.
„ Како и во претходните години, така и оваа година, за жал, додека се подготвуваме да го прославиме празникот Воскресение Христово, слушаме вести кои ни доаѓаат од еден немирен свет. Светиот отец Лав XIV зборува за овие конфликти како за „рана“ нанесена на целото човечко семејство, која остава лузни врз луѓето со генерации. На Блискиот Исток, крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата каде што беше пролеана, а конфликтот повторно се разгоре, ширејќи се во соседните земји, со епизоди на насилство и уништување кои шират омраза и страв, што предизвикува загриженост.
А христијаните во овие земји, како „мало стадо“, се обединети во човечко братство со сите луѓе од воено конфликтните подрачја, кои заедно доживуваат тешки искушенија во постојана опасност и неизвесност за нивните животи. Среде таква вознемиреност, папата Лав постојано повикува на молитва за мир и напори да се запре татнежот на бомбите, да се замолчи оружјето и да се даде можност на дијалогот во кој можат да се слушнат гласовите на народите, вели монс. Стојанов.
Тој во пораката додава дека „ние сме мал народ во големото човечко семејство, па на меѓународно ниво нашето мислење тешко ќе може да се пробие во „игрите“ резервирани само за големите и силните, а како католичка заедница во нашата татковина претставуваме малобројност, па затоа нема да биде лесно нашата заложба за градење мир да продре, но сепак имаме голема сила што може да направи големи работи. Оваа сила е и наше богатство, а тоа е Исус Христос кој, и покрај нашите несовршености, живее меѓу нас. Тој ни овозможува да бидеме сведоци на надежта и спасението, и носители на светлината и правдата во времето во кое живееме“.