Хроника

Две и пол години затвор за вработената во МВР, што фалсификувала возачки дозволи, 1,3 години за возачите

Тројца обвинети во предметот за фалсификување возачки дозволи ја признале вината и добија затворски казни во скратена постапка. На првообвинетата, вработена во Министерството за внатрешни работи, ѝ е изречена казна затвор од две години и шест месеци. Второобвинетиот и третообвинетиот се осудени на една година и три месеци затвор. За сите тројца е продолжена мерката притвор, информираа на средба со новинарите во Основниот кривичен суд Скопје.

Предметот се однесува на незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Од судот појаснуваат дека станува збор за обвинителен предлог и, бидејќи нема оценка, веднаш е закажано рочиште. Тројца се недостапни, а за тројцата што беа во притвор вчера се одржало рочиште, на кое признале вина и определени им се казни затвор. Основното јавно обвинителство Скопје на 19 септември поднесе обвинителен предлог против шест лица за продолжено кривично дело фалсификување исправа по  од Кривичниот законик.

Првообвинетата, вработена во Министерството за внатрешни работи како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи во Скопје, во периодот од септември 2020 до август 2026 година, во повеќе наврати ги користела своите службени шифри за преправање возачки дозволи со внесување дополнителни категории, наведува Обвинителството. Другите пет обвинети се возачи кои, иако немале положено возачки испит за категориите Ц и Д, во договор со службеничката поднесувале барања за издавање возачки дозволи, во кои биле внесувани категории за кои не ги исполнувале законските услови.

За тројца обвинети, кои се недостапни на органите на прогонот, е предложено определување притвор по нивното пронаоѓање, а постапката против нив да продолжи во отсуство. Во рамките на истиот предмет Обвинителството продолжува со обезбедување докази против уште 21 лице осомничено дека било посредник или корисник на фалсификувани возачки дозволи, а истрагата опфаќа и други можни злоупотреби поврзани со случајот.

Најнови вести од: Хроника

Повторно зачестени измамнички пораки за наводна наплата на сообраќајни прекршоци – МВР повикува на внимателност

Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба.

Осум дена притвор за возачот од Битола, откако беше приведен и по вторпат: првиот пат со 3,23, а потоа и со 3,50 промили алкохол во крвта!

Х.Ј. (29) првиот пат бил запрен кај спортската сала „Боро Чурлевски“ со 3,23 промили, а два дена подоцна на Партизанска повторно возел пијан. Му е одреден осумдневен притвор.

Најнови вести

To top