Македонија

Политичарите да се воздржат од влијанија и притисоци врз правосудството

Треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура

Важно е да се обезбеди максимална независност и самостојност на правосудните органи, како суштински предуслов за владеење на правото, истакнаа државниот обвинител Ненад Савески и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кои денеска одржаа работна средба.

На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во правосудниот систем и владеењето на правото, како и за улогата и одговорностите на двете институции во насока на нивно унапредување и градење функционална правна држава.

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски нагласи дека политиката и државните органи треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура и да се воздржат од какви било влијанија и притисоци врз правосудството. Тој посочи дека транспарентноста е еден од клучните приоритети на Судот, при што воведувањето на јавно емитување на седниците претставува значаен чекор кон поголема отвореност и отчетност.

– Обидите за политизација и етнизација на работата на Уставниот суд и на кој било правосуден орган, како и креирањето перцепција за недоверба во институциите, претставуваат директен удар врз демократијата. Крајно време е политиката да ги тргне рацете од правосудниот систем, а правосудниот систем да испорача конкретни резултати – истакна Костадиновски.

Јавниот обвинител Савески потенцираше дека без јасна одговорност и мерливи резултати не може да се говори за вистинско владеење на правото. Тој додаде дека транспарентноста е неопходен предуслов за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.

– Јавното обвинителство останува цврсто посветено на доследно, навремено и непристрасно постапување, но истовремено е неопходно сите институции да преземат активна улога и да придонесат кон создавање систем што дава резултати. Недовербата во правосудството може да се надмине само преку конкретни постапки, професионален интегритет и видлива отчетност. Владеењето на правото не е декларативна определба, туку обврска која бара континуирана и одговорна акција – истакна Савески.

Најнови вести од: Македонија

Психологот Атанасова: Недостигот на емпатија клучен фактор за меѓуврсничкото насилство

Случаите на меѓуврсничко насилство, како неодамнешниот инцидент во скопската населба Ѓорче Петров, се сигнал дека кај младите се јавува недостиг на емпатија, а зад насилното однесување најчесто стојат повеќе причини, меѓу кои потребата за докажување моќ, наталожен бес и гнев или уверување дека сторителите ќе избегнат одговорност, оцени Кристина Атанасова, психолог во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“

(Фото): Премиерот го пречека претседателот на Европскиот совет во Владата

Во фокусот на разговорите со лидерите од регионот се можностите и предизвиците поврзани со процесот на проширување на Европската Унија, постепената интеграција, регионалната соработка, како и прашањата за безбедноста и стабилноста.

To top