Новите закони за високото образование, за научноистражувачката дејност и за квалитетот во високото образование се приоритет и следен чекор од реформската агенда во образованието. Ова денеска го изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа одговараше на прашање од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, на собраниската седница за пратенички прашања.
Јаневска повторно ги повика пратениците да покажат разум и да ги поддржат законите. Таа нагласи дека извештајот на Европската комисија е извештај за државата, а не за Владата.
„Министрите се менливи, владите се менливи, но ќе остане доброто што ние го правиме за граѓаните. Оттука, ако сакаме и следната година добар Извештај за граѓаните, не за владата, како што еднаш кажав Владата е менлива, повикувам на разум во корист на младите, на учениците, на образованието, столбот за развој на целата држава, столбот за развој на економијата, човечкиот капитал, индустријата, земјоделието, правдата, се она што ја сочинува државата. Доколку не најдеме сили да се здружиме барем за одредени нешта и доколку сеуште круто и цврсто се држиме за популистички политики, нема да има штета Владата, ќе има штета државата, ќе имаат штета без исклучок сите граѓани на оваа држава “ истакна Јаневска.
Според неа, извештајот на ЕУ е тесно поврзан со реформската агенда и со другите активности на Министерството.
ИТ опрема за 160 основни училишта
Како прв исполнет чекор министерката го наведе опремувањето на 160 основни училишта со ИТ и безжична опрема и со современи алатки.
Тие овозможуваат безбеден пристап до интернет, ги ограничуваат содржините што не се соодветни за возраста на децата и ги запознаваат учениците со новите технологии.
„Многу пати сум зборувала зошто е ова значајно, многу е значајно затоа што последните сучувања кажуваат дека пристапот до несоодветни содржини од интернет кај нашите ученици и секаде во светот, можат да предизвикаат несакани дејства. Но од друга страна, другиот ефект е дека учениците се запознаваат со дигиталната технологија што е неопходно во денешно време “ посочи Јаневска.
Нов модел на финансирање
Втор чекор е новата методологија за финансирање на основното образование, која е применета во националниот буџет за 2026 година.
„Станува збор за праведна распределба на средствата кон локалната самоуправа за финансирање на образованието. Предвреме, односно пред определениот рок тоа е направено и за средно образование. Претходно по историски принцип се доделувале средства, сега по барање на Европската Унија, во соработка со УНИЦЕФ, Светска Банка, донесовме методологија која првенствено се засновува на бројот на ученици во училиштата и бројни други параметри, категории на училишта, струки, одредени струки бараат повеќе средства, на пример машинската, електро, за разлика од правната да речеме или гимназиската, сето тоа е вградено во двете нови формули“ посочи министерката за образование.
Во рамките на реформската агенда, Министерството очекува одговор за две цели: најмалку еден кариерен советник во 95 отсто од основните и средните училишта и вклучување на 700 приватни компании во дуалното образование. Постапката за нивна акредитација е при крај.
Замерки за високото образование
Според Јаневска, извештајот на ЕУ позитивно ги оценил законската регулатива, проширената мрежа на регионални центри за средно стручно образование и вложувањата во науката. Најголемата замерка се однесува на високото образование.
„Извештајот генерално ни наоѓа замерка во високото образование, каде што децидно вели дека работиме по застарени студиски програми. Без оглед на автономијата на универзитетите, која беше многу актуелна во време на подготвување на трите закони и која според мене апсолутно неоправдано беше предимензионирана. Во законите тврдам нема ништо што нарушува автономија. Стануваше збор и за начин на применување на студиските програми, нешто што се вика модуларност, што сега го нема и што значајно придонесува на квалитетот на високото образование“ рече Јаневска.