Утре е Велика сабота, вториот ден на голема жалост и последен ден од Велигденскиот пост. Според верувањата, Исус Христос овој ден го поминал во Адот (подземјето), па затоа се одбележува во тишина и молитва. Православната црква верува дека Исус Христос тој ден во гробот бил само со телото, а со духот бил во Адот, односно дека во исто време бил на престолот со Отецот и Духот, со оглед на тоа што Тој е сеприсутниот Бог, неодвоив од другите две лица на Светата Троица. На тој ден Исус покажал дека дошол крајот на стариот век, кој бил обележан со празнување на саботниот ден, и започнал новиот век во кој се празнува денот на Неговото Воскресение.

Богослужба на Велика Сабота
Утрената богослужба на Велика сабота во поново време не се служи рано наутро, туку на Велики петок навечер. Пред симболичниот Христов гроб, со кадење и држење свеќи, се врши приказ на Христовиот погреб. Со читање на целиот 118/119 Псалм се пеат стихови во кои се слави умрениот Спасител како Воскресение и Живот и се изразува болката, жалоста и тагата на Пресвета Богородица.
Во канонот на Велика Сабота се слави победата на Христос над смртта и за првпат се дознава дека оваа благословена сабота, во која Спасителот лежи мртов, е преблагословена сабота. Во неа Спасителот заспал, со Неговото ветување дека ќе воскресне во третиот ден. При крајот на утрената, Плаштеницата се носи трипати околу храмот, а по повторното полагање во гробот, пред неа се чита пророштвото на Езекиил за воскреснувањето на мртвите (Ез 37,1-14), Апостолот и Евангелието. Со Великасаботната Литургија на Свети Василиј Велики започнува Воскресението.
Народот во храмовите одговара со молитва на хорското пеење на ангелите и со запалени свеќи го исчекува Воскресението, празникот на победата на животот над смртта, кој е основа на христијанската вера. Овој обред се почитува во сите православни храмови, а во Ерусалим сите настани се врзуваат за Црквата на Гробот Господов, каде верниците секоја година на Велика сабота присуствуваат на чудотворната појава на Благодатниот оган. Утре е и последниот ден од Велигденскиот пост.
Обичаи на Велика Сабота
Велика Сабота е денот пред Велигден во кој се завршуваат работите неопходни за пречек на големиот празник. Се подготвува храна, се украсува домот, а во некои делови (како и кај нас) се вапсуваат јајца ако тоа не е направено во четвртокот или петокот. На Велика сабота се прекинуваат работите на поле, а жените се воздржуваат од рачна работа. Се верува и дека на Велика сабота треба да се направи некое добро или милосрдно дело за „да му тргне“ на човекот.
Пост на Велика сабота
Кога е во прашање овој ден, многу православни верници се во недоумица дали се пости или не. Иако саботата важи за ден кога по правило не се пости строго (туку на масло), свештениците велат дека на Велика сабота треба да се пости исто како и на Велики петок (на вода). На Велика сабота не е добро да се оди во лов и риболов, а се забранува и колење на стока и живина.