Од полноќ, малопродажната цена на течниот нафтен гас (ТНГ) е намалена за околу 5 денари по литар, како резултат на координирана мерка насочена кон заштита на животниот стандард и стабилизирање на пазарот на енергенси.
Како што информираше владината портпаролка Марија Митева, компанијата Макпетрол ја намали цената на плинот од 59 на 54 денари по литар. Паралелно, во трговијата на големо е регистрирано намалување од 10 денари по килограм, што се пресметува на приближно 5 денари по литар.
Според владата, трендот го следат и останатите компании на пазарот. Во моментов, цените на бензинските станици се движат меѓу 53 и 54 денари по литар, со намалување од 5 до 6 денари.
Од Владата потенцираат дека не станува збор за изолиран пазарен потег, туку за „системска реакција“ поттикната од институционален сигнал и координација со трговците. Намалувањето, како што беше посочено, е резултат на анализа на Државниот пазарен инспекторат, по што следувале разговори со компаниите и договор за намалување на бруто маржите.
„Постигнавме согласност маржите да се намалат и да се задржат на тоа ниво, со цел да се избегнат ценовни осцилации во наредниот период“, изјави Митева, додавајќи дека се очекува намалување од над 10% во трговијата на големо и од 9 до 10% во малопродажба.
Од Владата велат дека оваа мерка претставува пример за активен пристап кон регулирање на пазарот, наместо пасивно следење на движењата. Воедно, упатија благодарност до компаниите за покажаната општествена одговорност.
Надлежните најавуваат дека ќе продолжат со анализи и дијалог со стопанството, со цел да се обезбедат конкретни резултати и стабилен, праведен пазар во интерес на граѓаните.