Македонија

Над 7.000 пресуди во Кривичен за три месеци: 620 пресуди за полнолетни, 6534 прекршоци во квартал

Основниот кривичен суд Скопје го објави првото издание на својот е-весник

Screenshot

Основниот кривичен суд Скопје го објави првото издание на својот е-весник, во обид да ја зголеми транспарентноста и да ја приближи својата работа до јавноста.

Во првиот број, судот излегува со конкретни бројки за сработеното во првиот квартал од 2026 година, но и со примери од судската практика и пораки за јакнење на довербата во правосудството.

Според објавените податоци, во период од три месеци донесени се 620 пресуди за полнолетни сторители, 60 за малолетници и дури 6534 пресуди во прекршочна постапка.

Во делот за организиран криминал и корупција, судот информира дека биле определени повеќе видови мерки, меѓу кои ефективни притвори, куќни притвори и мерки на претпазливост, како и пресуди врз основа на спогодби.

Е-весникот содржи и конкретни случаи од судската пракса, меѓу кои пресуди за фалсификување пари, перење пари преку фиктивни вработувања и криумчарење мигранти. Во еден од случаите, обвинет бил осуден на три години и шест месеци затвор за учество во организирана група за фалсификување пари, додека во друг случај за криумчарење мигранти била изречена казна затвор од осум месеци и протерување од државата.

Судот преку посебен сегмент се обидува да ја едуцира јавноста и за постапките поврзани со сообраќајни прекршоци, објаснувајќи дека граѓаните имаат рок од осум дена да побараат судска постапка доколку не ја прифаќаат одговорноста.

Во интервјуто во рамки на е-весникот, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, потенцира дека довербата во судството се гради со навремени информации, јасна комуникација и професионално постапување.

„Довербата во судството се гради постепено, преку транспарентно, доследно и одговорно постапување“, вели Камбовски, најавувајќи поголема достапност на судските одлуки и поинтензивна комуникација со јавноста.

Од судот порачуваат дека целта на е-весникот е да обезбеди јасни и разбирливи информации за работата на институцијата, но нагласуваат дека содржините имаат информативен и едукативен карактер и не претставуваат правен совет.

Најнови вести од: Македонија

Ристески: Преку отворен и искрен социјален дијалог креираме одржливи и фер политики кои се од интерес за сите страни

„Креирање на трудови политики и законска рамка“, која се одржа во рамки на конференцијата „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“

To top