Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван учествуваше на панел-дискусијата организирана од страна на францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, во рамките на активностите на Европската коалиција против дрогата (ECAD).

Во обраќањето, претседателката истакна дека Западен Балкан претставува транзитна зона за трговијата со дрога, нагласувајќи ја сериозноста на овој предизвик и опасноста од влијание на таканаречените „трети актери“, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова која посочила дека не смее да се потцени растечката улога на нарко структурите во економијата, политиката и општеството.

Таа предупредила дека криминалните мрежи стекнуваат моќ да влијаат врз партиските и политичките процеси и институции.
„Неопходно е Европската Унија да ја преиспита својата политика на проширување низ призма на Западен Балкан, имајќи ја предвид безбедносната димензија“, истакнала Сиљановска-Давкова.

Таа потенцирала дека интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ може да биде добар пример на превентивна, наместо реактивна европска политика. Според неа, опасно е тоа што во трговијата со дрога се именува како “modus operandi” да прерасне во “modus vivendi”.
Претседателката, на крајот потсетила дека европската политичка и безбедносна архитектура е неразделна од балканската, информираат од кабинетот на претседателката.