Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска најавува ревидирање на проценувањето на вредноста на недвижниот имот, на чија основа би се зголемило и оданочувањето.
Ова ќе се прави согласно зголемените цени на недвижнините во последниот период и објективната вредност на овој тип на имот. Ова министерката го најави во соопштението од 9-тата Меѓународна конференција Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување што во организација на Комората на проценувачи на Република Македонија се одржува денеска во Охрид, објави Фактор
„Министерката Димитриеска- Кочоска пред присутните, воедно посочи дека веќе e отпочнат процес на ревидирање на постоечката Методологијата за проценка на вредност на недвижниот имот, во насока на попрецизна регулација за даночни цели“, стои во дел од соопштението испратено од Министерството за финансии.
Од Комората на проценители велат дека актуелната методологија за проценување на вредноста на недвижностите е застарена и не ги следи современите економски промени, поради што најавуваат нов пристап и усогласување со меѓународните стандарди.
„Во тек се разговори со Министерството за транспорт за идна промена на самата методологија. Се надевам дека брзо ќе успееме да ја добиеме таа можност, за да може да имаме квалитетна процена со реална пазарна вредност, што влијае и врз оданочувањето и врз транспарентноста пред граѓаните, со цел да имаат доверба во системот.“ вели Ѓорѓе Сприровски претседател на Комората на проценители, пренесе СкопјеИнфо