Алта банка немала забрана за работа во Европската Унија, ниту македонските институции имале основа да го спречат нејзиниот влез во земјава, тврди ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, на прес-конференција го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека шири невистини за банката и за нејзиниот сопственик Давор Мацура. Манасиевски се повика на документи за сопственичкиот удел на Алта банка во Адико банка и за нејзината соработка со Рајфајзен банка. Според него, тие ги побиваат тврдењата на СДСМ дека банката била санкционирана во ЕУ.
- „Сè што кажа СДСM за Алта банка е лага“, изјави Манасиевски, користејќи го скратеното име на опозициската партија.
Тој потсети и на документот што вчера го презентирал премиерот Христијан Мицкоски, односно извадок од нацрт-записникот од 194. седница на Владата, одржана на 24 октомври 2023 година. Според Манасиевски, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал Владата да му одобри на Државното правобранителство да воспостави деловни односи со Алта банка од Србија.
- „Значи, уште во 2023 година владата на СДСM и на ДУИ на владина седница му дале насока на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка со истиот овој сопственик, Давор Мацура“, рече Манасиевски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ презентираше и извадок од официјалната интернет-страница на Адико банка во Виена, за кој рече дека покажува оти Алта банка поседувала 9,63 проценти од нејзините акции.
- „Не само што Алта банка не била санкционирана од ЕЦБ, туку напротив до самиот чин на нејзино затворање таа имала удел во банка во ЕУ“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека уделот и натаму е во сопственост на Алта банка Србија.
- „Алта банка влегува во Македонија како банка која што има удели во банка во ЕУ“, нагласи портпаролот.
Манасиевски посочи и дека осум месеци по влегувањето на Алта банка во Македонија, нејзината матична банка од Србија склучила договор со Рајфајзен банка од Виена. Според неговото објаснување, договорот предвидувал Рајфајзен, по преземањето на Адико банка, да ѝ ги продаде на Алта банка филијалите на Адико во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Тој рече дека договорената трансакција подоцна била откажана, по згаснувањето на Алта банка во Србија.
Манасиевски смета дека презентираните документи докажуваат оти македонските институции немале можност да го спречат влезот на Алта банка во земјава.
- „Со ова, директно се докажува дека македонскиот регулатор и институции, немале апсолутно никаква можност да забранат Алта банка да влезе во Македонија, затоа што истата не само што не била забранета во ЕУ, туку била дел од сопственичките структури на банка на токму ЕУ“, изјави тој.
Портпаролот го обвини Филипче дека со своите настапи се обидува да предизвика потрес на финансискиот пазар.
- „Ова се многу сериозни докази, кои водат до заклучок дека СДС и Венко Филипче како нејзин претседател, свесно манипулира и креира хистерија со цел да направи потрес на финансискиот пазар, што патем не им успеа, но не ги пере од одговорност“, рече Манасиевски.
Тој побара Јавното обвинителство да ги испита наводите и да поведе постапка против лидерот на СДСМ.
- „Ова се доволно силни основи ЈО да истражи и поведе постапка против Венко Филипче“, порача Манасиевски.