Натаму во споменатата анализа се наведува:
ЕУ меѓу геополитичките мегаамбиции и внатрешните поделби и сериозни несогласувања
Внатрешните поделби во Европската Унија стануваат сè поизразени, и тоа за прашања што се од стратешко значење за нејзината иднина. Од војната во Украина и односите со Русија, преку заедничката одбранбена политика, па до финансирањето и проширувањето, сè потешко се доаѓа до заеднички став. Секоја членка има свои приоритети, свои пресметки и свои услови, кои често стануваат пречка за носење одлуки од кои зависи и самата иднина на Унијата.
Затоа можеби и не е толку изненадувачки што Европа сè поретко е на главните маси на кои се носат важните геополитички одлуки, а сè почесто е во улога на набљудувач, коментатор или спореден учесник на настаните. Додека Вашингтон и Москва разговараат за Украина, европските престолнини се обидуваат да најдат заеднички јазик. И самите земји членки на ЕУ ја користат секоја можност пред донесувањето на заедничките одлуки да се осврнат на своите национални потреби како приоритетни, дури и кога станува збор за интереси на целата Унија.
И СОЛИДАРНОСТА СТАНУВА ПРЕДМЕТ НА УЦЕНУВАЊЕ
Европската Унија сака да ја води Европа, да биде глобален геополитички играч и да зборува во име на заедничките европски интереси, но сè почесто изгледа како да не може да се договори ниту сама со себе. Мерц практично порачува дека ако не се прифати она што го бара Германија, нема да има договор за следниот седумгодишен буџет. Од една страна, Берлин бара сите да ја споделат финансиската одговорност за Украина, што само по себе е легитимно прашање, но од друга страна, за да го постигне тоа, посегнува по закана со блокада.
Имено, ако Германија може да го условува заедничкиот буџет со свои барања, зошто утре тоа не би го направила Бугарија за некое прашање поврзано со Македонија или која било друга членка за прашање што го смета за свој национален приоритет? Ако секој може да го држи во заложништво заедничкиот интерес за да добие нешто за себе, тогаш каде завршува европската солидарност, а каде почнува политичкото пазарење?
Тука е и суштинската противречност на европскиот проект. Од земјите кандидати се бара почитување на правилата, предвидливост, институционална стабилност, компромиси, владеење на правото и усогласување со заедничките политики. Но каква порака испраќа Унијата кога нејзините членки се закануваат со блокади, поставуваат услови и ги претвораат заедничките одлуки во заложници на националните интереси?
А КАДЕ СЕ ТУКА ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТИ?
Според некои аналитичари, инаку добри познавачи на евроинтегративните регионални процеси, за земјите од Западен Балкан ова не е само уште една расправија меѓу европските лидери туку е и прашање на доверба во целиот процес на проширување.
– Земјите кандидати со години слушаат дека мора да ги исполнат европските стандарди, да ги спроведат реформите, да ги усогласат законодавствата и да покажат политичка зрелост. Сето тоа е разбирливо, таква е нивната стратешка определба. Но сега прашањето е дали и самата Унија е подготвена да покаже дека правилата важат еднакво за сите и дека исполнувањето на обврските ќе биде проследено со исполнување на ветувањата, оти од она што го гледаме и слушаме, очигледно не е така – посочуваат аналитичарите.
Тие нагласуваат дека ако денес една членка може да го блокира европскиот буџет, утре друга може да го блокира проширувањето, а трета да постави некое свое национално прашање како услов за напредок на кандидатите.
– Во една ваква ситуација, каква гаранција имаат земјите што чекаат пред европските врати дека нивната иднина нема повторно да зависи од нечии внатрешни политички пресметки? И како да им се објасни на земјите од Западен Балкан дека европската солидарност е темелна вредност на Унијата, кога и самите нејзини членки ја претвораат во предмет на финансиско и политичко наддавање? Европа, се разбира, не е без свои предности, ниту нејзиниот проект ја загубил смислата, но проблемот е што амбициите за нејзината глобална улога сè потешко се совпаѓаат со реалноста на нејзиното внатрешно функционирање. ЕУ не може да биде геополитичка сила ако секоја поголема одлука се претвора во преговарачка драма меѓу 27 национални престолнини. Не може да се бара единство од кандидатите, а самата Унија постојано да покажува колку е тешко да го постигне – појаснуваат нашите соговорници.
За нив најважното прашање не е само кога Украина ќе добие финансиска помош, кога ќе заврши војната или кога Западен Балкан ќе стане дел од Унијата, туку каква Европска Унија ќе постои тогаш и дали таа ќе биде заедница на еднакви држави или клуб во кој секој го отвора патот кон заедничките одлуки само кога ќе му бидат исполнети неговите услови.
– Тешко е да се бара безусловна доверба од оние што чекаат пред вратата, кога и оние што веќе седат внатре не можат да се договорат за заедничката маса – заклучуваат нашите соговорници, се истакнува во анализата, објавена во „Нова Македонија“.