Македонија

Сиљановска Давкова: Употребата на придавката македонски не може да се забрани!

„Преспанскиот договор јасно го регулира користењето на термините за државните институции, но употребата на придавката македонски во однос на идентитетот и народот не може да се забрани.“ – истакна денеска претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања по однос на вербалната нота врачена до амбасадорот на Бугарија во земјава поради изјавата на новата шефица на бугарската дипломатија, Весислава Петрова Чамова, која го употреби терминот „северномакедонски“.

Гордана Сиљановска-Давкова нагласи дека нејзиниот став кон договорот од Преспа не е променет и посочи дека потписниците на документот треба први да инсистираат на негово доследно почитување во меѓународните односи. – Не се забранува, ниту може да се забрани употребата на придавката македонски. Toa e и дел од договорот. Е сега, тие што го поддржале и што го потпишале договорот, први треба да укажуваат на неговото почитување – изјави Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на политичката клима во регионот и новата влада во Бугарија, претседателката изрази очекување за конструктивност и водење политики засновани на добра волја, нагласувајќи дека регионалното разбирање е клучно за евроинтеграцискиот пат на целиот Западен Балкан. Во однос на прашањето за општествениот ангажман на поранешните шефови на државата, Сиљановска-Давкова истакна дека нивната активност не треба да престане по завршувањето на мандатот. Таа откри дека веќе размислувала за иницијатива за нивни заеднички консултации.

– Мислам дека би било убаво да има една тркалезна маса на бивши претседатели каде што ќе може да се советуваме за состојбите со кои се соочуваме и за решенијата за определени проблеми. Инаку, во право сте дека не треба со заминувањето од функцијата да престанат и активностите, туку да продолжат – рече претседателката.

Запрашана за неодамнешните изјави поврзани со комуникацијата помеѓу премиерот и државниот јавен обвинител, Сиљановска-Давкова одби да ги коментира, нагласувајќи дека нема увид во природата на нивните телефонски разговори и дека одговорите треба да се побараат директно од инволвираните страни. (МИА)

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top