Премиерот Христијан Мицкоски во врска со Алта банка рече дека иако се соочиле со проблем којшто бил увезен, уверен ее дека банката ќе се спаси. Лидерот на СДСМ Веенко Филипче порача дека Мицкоски повеќе нема кредибилитет бидејќи манипулирал за тоа кој ја донел Алта банка во Македонија. Тој, одговарајќи на новинарски прашања, изрази уверување дека целиот процес ќе заврши успешно, а во однос на коментарите на опозицијата во врска со случајот, рече дека „сето она што како шпекулација и невистина го испраќаа во форма на порака изминатиот период, падна во вода“.

- Уште на самиот почеток се соочивме со еден проблем којшто е увезен, односно е последица на случувањата кај нашиот северен сосед. Благодарение на навремените мерки коишто ги презема регулаторот, Народната банка, и процесите коишто потоа следеа, имаме закажана јавна аукција на 30-ти овој месец. Веќе имаме домашен правен субјект, финансиска институција, тоа е „Комерцијална банка“, којашто се пријави и веќе ценовно чувствителната информација е објавена на Македонската берза, којашто сака да ги откупи акциите од оваа банка и да стане сопственик. Така што, да почекаме процесот да заврши за да можеме да коментираме дополнително. Јас сум убеден дека овој процес ќе заврши успешно – рече Мицкоски во изјава за медиуми при посетата на Делчево.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче рече дека целата економска политика на Мицкоски се сведува на лаги и манипулации, дека лаже за Алта банка, обидувајќи се одговорноста да ја префрли на СДСМ, лаже и за јавниот долг, претставувајќи го новото задолжување како враќање на старите долгови. Филипче потенцираше дека Мицкоски и Славески ја донесоа Алта банка во Македонија, и дека тоа е вистината.
- Човекот мислам дека веќе нема кредибилитет. После сите лаги изречени, после лажењето на надзорната расправа за Алта банка, кога ја обвини СДСМ дека ние сме ја донеле Алта банка. Не, тој и Трајко Славески ја донесоа, пералницата на пари на Вучиќ, тука кај нас. Ги загрозија капиталот и парите на граѓаните и на државните компании. Ете тоа направија – рече Филипче.