Форумот, кој обедини високи претставници на владите, европските институции, регионалните организации, академската заедница, граѓанскиот сектор и младите, претставуваше значајна можност за потврдување на заедничката посветеност кон европската интеграција, регионалната соработка и одржливиот развој на Јадранско-јонскиот регион. Во текот на претседателството, Македонија работеше под мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, ставајќи посебен акцент на проширувањето на Европската Унија, подобрувањето на регионалната поврзаност и продлабочувањето на соработката меѓу земјите членки на ЕУ и земјите кандидати.
Усвојувањето на денешната декларација испрати силна политичка порака за значењето на политиката на проширување како геостратешки приоритет на Европската Унија. Декларацијата ја потврдува потребата од кредибилен, предвидлив и на заслуги заснован процес на пристапување, како и од продолжување на реформските процеси и усогласувањето со европските стандарди. Во рамки на претседателството беше постигнат и конкретен напредок во унапредувањето на транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност на регионот, со што се создаваат подобри услови за економски развој, инвестиции и поголема мобилност на граѓаните и бизнисите.
Македонија во текот на својот мандат посвети особено внимание и на инклузивноста и учеството на младите, граѓанското општество и академската заедница, препознавајќи ги како важни чинители во градењето на долгорочна регионална стабилност и соработка. Во рамки на Форумот свое обраќање имаше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој истакна дека претседателството било „за континуитет и одговорност, но пред сè – за резултати“, додавајќи дека она што започнало во Њујорк прераснало во претседателство фокусирано на реализација, практична соработка и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на клучните достигнувања за време на претседателството, министерот Муцунски истакна дека е зајакната европската перспектива на регионот преку континуиран дијалог и координирано дејствување, при што дополнително била потврдена улогата на AII и EUSAIR како важни платформи за поврзување на Европската Унија со земјите кандидати. Воедно, бил постигнат напредок во транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност, како и во интегрирањето на приоритети поврзани со дигиталната трансформација, циркуларната економија и отпорноста на регионот. Посебен акцент бил ставен и на инклузивноста, учеството на младите и улогата на граѓанското општество и академската заедница во процесите на одлучување.
Говорејќи за усвоената декларација, министерот Муцунски порача дека таа „не е само резиме на дискусиите, туку израз на заедничка решителност“, потврдувајќи ја посветеноста кон меѓународното право, европските вредности и заедничкото справување со геополитичките предизвици. На крајот од обраќањето, министерот истакна дека претседателството завршува „со чувство на исполнетост, но и со јасна свест дека работата продолжува“, изразувајќи уверување дека Италија успешно ќе го продолжи процесот во периодот 2026–2027 година. Тој упати благодарност до сите партнери, колеги и пријатели за соработката и посветеноста во текот на годината, нагласувајќи дека „регионот не е поврзан само географски, туку и преку заеднички вредности, заедничка цел и заедничка европска амбиција“.
Со завршувањето на претседателството, Македонија испраќа јасна порака дека регионалната соработка носи конкретни резултати и дека заедничката европска иднина на регионот останува заедничка стратешка определба. Претседателството со AII/EUSAIR официјално преминува кај Италија за периодот 2026–2027 година. Македонија останува целосно посветена на натамошната поддршка и унапредување на јадранско-јонската соработка и европската перспектива на регионот.