Сиљановска Давкова вечерва во гостување на ТВ Сител посочи дека „предлозите, творечки, различни, не доаѓаат само заради профилот на земјите кандидатки од Западен Балкан или Молдавија и Украина, туку доаѓаат и од внатрешни потреби“. Бидејќи, дополни, и ЕУ е соочена со потреби од реформи, не само заради поголемиот број на членки и посложениот процес на одлучување, туку и заради светските состојби, и тогаш внимателно се постапува.
„Предлогот на Мерц не е нов, само што има нова синтагма – има „асоцијативно членство“. Едно време истото го слушавме од Меркел во поглед на Турција, околу асоцијативното членство. Доколку се мисли на тоа дека во овој миг на нужни реформи и во ЕУ, ама и во една непредвидлива политичка сцена, е важно сите кандидати кои исполнуваат определени услови на патот кон ЕУ, врзани како за Планот за раст, треба на некаков начин да бидат блиску до ЕУ, да не останат надвор, да бидат во игра, да бидат во кондиција во надградувањето и исполнувањето на копенхашките критериуми, се разбира може да се размислува за тоа. Меѓутоа, многу рано е. Не е само предлогот, сега од Мерц, имаше и многу други предлози.“ – рече претседателката Сиљановска Давкова.
Прашана дали за Македонија е прифатлива друга алтернатива, освен полноправно членство во Европската Унија таа одговори дека тоа не зависи само од нас туку и од предлагачот. „Не би можела да ви кажам во моментов, бидејќи не зависи од нас – „прифаќам“ или „не прифаќам“. Зависи и од предлагачот. Значи, јас претпочитам полноправно членство, зашто на тој пат сме тргнале за полноправно членство. Но, ако се рече дека нема веќе полноправно членство, а треба некако да бидеме во контакт, или во кондиција, или во соработка, може да се разговара, да се види што значи тоа.“ – рече Сиљановска Давкова.
Според неа, треба да се видат алтернативите и на кого се однесуваат. Не сакам да бидеме „ние“ исклучокот – рече претседателката на македонската држава Сиљановска Давкова.