Македонија

Спасовски: СДСМ мора темелно да ја анализира причината за падот на довербата

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски направи критички осврт на седумгодишното владеење на партијата.

Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека СДСМ мора искрено и темелно да ги анализира причините за падот на довербата кај граѓаните, ако сака повторно да ја врати нивната поддршка.

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски направи критички осврт на седумгодишното владеење на партијата. Тој истакна дека на изборниот резултат влијаеле повеќе фактори – од спорната кадровска политика, до неисполнетите очекувања за правда и реформи во правосудството.

„Некој ќе рече дека фактор беше коалицискиот партнер (ДУИ), и тоа е точно. Но, мислам дека и самите ние – преку кадровската политика и одредени одлуки кои се носеа – влијаевме на ваквиот исход. Најмногу фалеше правда, поголема реформа во правосудниот систем и поинаков начин на функционирање. Граѓаните го очекуваа тоа по рушењето на претходниот режим, а големите очекувања секогаш резултираат со големи разочарувања“, изјави Спасовски.

Тој упати критики и кон целиот политички систем во државата, оценувајќи дека сите партии се соочуваат со проблемот на клиентелизмот, кој носи краткорочни политички придобивки, но долгорочно создава огромна штета за државата.

Според Спасовски, партиите често се фокусираат на решавање на индивидуални интереси, вработувања и распределба на функции, додека најголемиот дел од граѓаните очекуваат системски решенија и функционални институции.

„Државата не смее да се насочува кон задоволување на интересите на поединци. Мнозинството граѓани очекуваат крупни политики за доброто на државата – силен систем, функционално правосудство, здрава животна средина, чист воздух и јакнење на демократскиот капацитет на институциите. Системот мора конечно да се стави во функција на народот, а не на партиите“, порача тој.

Како еден од клучните проблеми, Спасовски го посочи начинот на размислување и пристапот кон општествените промени.

„Реформата мора да биде прво реформа на умот, реформа на нашето размислување. Ние честопати се споредуваме со Германија, Шведска или Норвешка. Но, таму граѓаните се градат како карактери со високи морални и етички норми, па она што е запишано во нивните закони е само природен производ на нивниот морал. Кај нас ситуацијата е обратна – ние сакаме преку законски текстови да ги наметнеме моралот и етиката на нацијата. Тоа едноставно не е можно“, рече Спасовски.

Тој заклучи дека одговорноста за создавање поинаков општествен амбиент ја има целото општество, но дека најголемиот товар за вистинските промени треба да го понесе политичката елита која управува со државата.

Најнови вести од: Македонија

Муцунски: Мора да се спротивставиме на надворешните влијанија на Балканот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изминатите два дена учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што се одржа во Хелсингборг, Кралството Шведска.

Сиљановска-Давкова: Зошто 1.350 луѓе во РМ, кои зборуваат бугарски, би заслужиле уставен статус, а исто толкав број Македонци во Бугарија не го заслужуваат истото тоа?!

„Приоритет за нас остануваат правата на Македонците во Бугарија!“ – нагласи претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова, коментирајќи го ставот на бугарската страна, што го пренесоа дел од медиумите, искажан денеска на првата средба на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски со неговата бугарска колешка Велислава Петрова.

To top