
Во колумната со наслов со наслов „Дали правдата тропа на вратата на СДСМ: на што се должи паниката и хистеријата?“, натаму Кекеновски истакнува: Па што треба да значи тоа? Дека предметите треба повторно да собираат прашина по фиоки, а криминалот да останува неказнет поради застарување или пак тешките кривични дела да завршуваат со благи казни како што беше во нивното време? Граѓаните не заборавија колку случаи поминаа неказнето додека СДСМ беше на власт. Не заборавија како големи афери се развлекуваа со години, како предмети застаруваа, како обвинети функционери се спасуваа со процедурни игри, а правдата никако да стигне до тие што го оштетија народот и државата. Наместо одговорност, гледавме политички калкулации, селективна правда и заштита на блиски луѓе.
Доста ни е од судии и обвинители кои дресовите ги пресоблекуваа на дневна основа, зависно од тоа кој е на власт. Доста ни е од неказнивост на тие што треба да ја делат правдата. Не може во оваа држава драстично построго да биде казнет човек што украл 100 ќебапи, а да биде ослободен некој што го ограбил народот за стотици милиони евра.
Токму затоа, пораката дека „трпението е при крај“ не е ништо страшно, туку сосема оправдано и нормално предупредување дека институциите конечно мора да си ја работат работата. Мицкоски и досега покажа преголема трпеливост кон дел од обвинителите и судиите, но вакви и слични свесно сторени неправди повеќе не смеат да се премолчуваат, а најмалку за нив да не се одговара.
Не смее повеќе да се толерираат несовесни, некадарни и корумпирани судии и обвинители кои со години дозволуваа криминалот да остане неказнет, а довербата на граѓаните во правосудниот систем целосно да биде уништена. Народот е уморен од двојни аршини, селективна правда и институции што молчат пред моќниците, а се строги само кон обичниот човек. И сега, кога некој јавно зборува дека институциите не смеат да молчат, дека предметите не смеат да собираат прашина, а судиите и обвинителите конечно треба да постапуваат професионално и непристрасно, СДСМ повторно се крие зад приказните за „загрозена независност“ на правосудството, истото она судство и обвинителство што токму тие го дорастурија и го доведоа до ова дереџе додека беа на власт. Наместо да поддржат расчистување на криминалот и јавно да кажат стоп на криминалот и корупцијата тие повторно ја вртат приказната за наводни политички притисоци, напади и дефокусирање.
Целата оваа нервоза и паника што јавно ја демонстрираат СДСМ и Филипче секогаш кога ќе се повикаат судиите и обвинителите на совесно работење и да не потпаѓаат под политички влијанија, најверојатно е резултат на стравот дека правдата конечно може да стигне и до нив. Затоа е толкава нервозата и паничните обиди секоја критика кон нефункционалниот систем да се претстави како притисок врз независноста на судството и обвинителството. А дали треба арамиите да останат неказнети? Дали треба и понатаму судиите и обвинителите на арамиите да им го легализираат украденото од народот? Дали повторно треба да гледаме како милиони народни пари исчезнуваат, а никој да не одговара?
Е, малку морген Филипче и компанија. Народот не е наивен и добро памети. Луѓето сакаат правда, а не нови изговори. Ако некој крадел, злоупотребувал функција или се богател на грбот на граѓаните, треба да одговара, без разлика дали е од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или ВЛЕН или која било друга политичка партија. Конечно дојде време да се стави крај на овој неправен башибозук во кој криминалците се чувствуваа недопирливи, а правдата беше резервирана само за слабите и незаштитените. Државата мора да покаже дека законот важи за сите подеднакво и дека никој повеќе нема да биде над правдата.
Посебно загрижува улогата на дел од медиумите кои без никаква анализа и критичка дистанца пренесуваат вакви политички конструкции, обидувајќи се секое барање за правда и одговорност да го претстават како закана за демократијата и независноста на правосудството. Наместо да бараат одговори зошто толку предмети останаа без разрешница и зошто криминалот со години не добиваше судски епилог, дел од медиумите свесно или несвесно стануваат заштитници на оние што стравуваат од соочување со правдата.
Но народот веќе не верува во тие приказни. Луѓето сакаат правда, одговорност и еднаквост пред законот. Ако некој крадел, злоупотребувал функција и се богател на грбот на граѓаните мора да одговара, без разлика на функцијата, партијата или презимето. Само така државата може да врати доверба кај народот и конечно да покаже дека законот важи подеднакво за сите. Затоа е потребно уште поголемо и секојдневно потсетување до судиите и обвинителите дека имаат обврска својата работа да ја вршат совесно, законски и во интерес на правдата, а не во интерес на партии, бизнис-центри и политички ментори. Независно судство не значи молк, замижување и заштита на криминалот, туку бескомпромисна и неселективна правда и одговорност за сите кои се огрешиле од Уставот и законите, заклучува Јове Кекеновски во својата колумна.