Македонија

Бизнис форум во Истанбул: Влада, институции и над 200 турски компании на едно место – нова можност за македонскиот бизнис

Сите заинтересирани компании можат да го пријават своето учество преку македонските стопански комори

На 12 јуни 2026 година во Истанбул, Република Турција, ќе се одржи значаен бизнис форум посветен на промоцијата на земјава како инвестициска дестинација и продлабочување на економската соработка помеѓу со Турција.

Настанот претставува единствена можност на едно место да се поврзат владините институции и бизнис заедниците од двете држави, создавајќи можности за креирање на нови партнерства и економски иницијативи.

На форумот ќе присуствува Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски, придружуван од владина делегација составена од министри кои ги водат ресорите поврзани со економијата, енергетиката, транспортот и инфраструктурата.

Покрај институционалните претставници, на форумот се очекува учество на бројни македонски компании, додека регистрацијата останува отворена и за други заинтересирани компании да ја искористат можноста за директни средби со над 200 турски компании.

Од страна на Република Турција, домаќин на настанот е министерот за трговија на Република Турција, г. Ömer Bolat, а организацијата се реализира од страна на Министерството за трговија на Република Турција и Одборот за надворешни економски односи на Турција (DEİK).

Во рамки на форумот ќе биде претставена и Мапата за инвестирање во Република Северна Македонија, која ги идентификува приоритетните области со најголем потенцијал за инвестиции и развој во РСМ. Пред повеќе од 200 турски компании ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во земјата, како и поволностите за инвестирање што ги нудат Технолошко-индустриските развојни зони.
Програмата на настанот е структурирана како еднодневен форум кој ќе вклучи официјални обраќања на високи институционални претставници од двете држави, две тематски панел-дискусии посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и организирани Б2Б средби помеѓу македонски и турски компании од различни сектори, вклучително услуги, трговија, инфраструктура и други индустрии.
Посебна вредност на форумот претставуваат директните деловни средби, кои ќе овозможат македонските компании да воспостават контакти со потенцијални партнери, инвеститори и клиенти од Турција, да ги претстават своите производи и услуги и да отворат нови можности за економска соработка.

Настанот е наменет особено за средни и големи компании кои имаат интерес да го прошират своето присуство на странски пазари, да воспостават нови деловни партнерства и да ги искористат потенцијалите што ги нуди економската соработка помеѓу Северна Македонија и Турција.

Сите заинтересирани компании можат да го пријават своето учество преку стопанските комори во Република Северна Македонија, а по потврдувањето на регистрацијата, компаниите ќе бидат вклучени во агендата за Б2Б средби и поврзани со турски компании од соодветни сектори согласно нивната дејност и деловни интереси.

Форумот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, кој Владата на Република Северна Македонија го спроведува со поддршка на УНДП, во рамки на програмата за имплементација на Националната развојна стратегија на Република Северна Македонија 2024–2044 година.
За повеќе информации во врска со Мапата за инвестирање на Република Северна Македонија, посетете ја веб-страницата: www.investormap.mk.

Најнови вести од: Македонија

Рокас ѝ честита на Македонија за енергетската стратегија

На претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тиват, премиерот Хрисијан Мицкоски најави дека ќе презентира иницијатива со која земјите од Западен Балкан можат да станат значаен производител и снабдувач на чиста енергија за Европа

To top