Македонија

Нови тврдења на бегалката од Кочани: Михаилова го обвини обвинителот за бугарофобија и поткуп(ВИДЕО)

Тврди дека третманот се влошил откако се декларирала како Бугарка

Ива Михаилова од Кочани, обвинета во предмет за сообраќајна несреќа со смртни последици, во гостување на бугарски подкаст упати низа остри обвинувања кон македонските институции, судството и обвинителството. Според неа, односот во судската постапка драстично се влошил откако се изјаснила како Бугарка, а обвинителот кој го водел случајот го обвини за бугарофобија и за барање пари за да ѝ изрече поблага пресуда.

Михаилова, по која МВР распиша меѓународна потерница откако пред околу еден месец се појави во Бугарија, во подкастот настапи заедно со адвокатот Николај Димитров. Во разговорот го нападна и премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека тој лично финансирал 90 отсто од македонските медиуми со цел ширење омраза кон бугарскиот народ и Бугарија. Таа зборуваше и за наводно барање поткуп, следење од страна на македонските служби, како и за влијание на таканаречениот „српски свет“ врз земјава.

Во врска со сообраќајната несреќа во која го загуби животот 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, Михаилова тврдеше дека инцидентот го предизвикале работници кои ја реновирале вилата на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, наведувајќи дека тие наводно влегле во нејзината лента.

Таа остро го критикуваше и текот на судењето, истакнувајќи дека рочиштата се одржувале во мала, преполна судница без соодветно проветрување. Според нејзините наводи, обвинителот барал пари за поблага пресуда, а судијата ги затворал прозорците и покрај тоа што присутните со часови стоеле во задушливост.

Михаилова повтори дека поради недостиг на специјализирани лекари во Македонија била принудена да го продолжи лекувањето во Бугарија, каде што ја чекаат подолготрајни третмани во повеќе болници, вклучително и во странство. Таа категорично порача дека нема намера повторно да се врати во земјава.

Претходно, на 12 октомври, Михаилова гостуваше и на бугарската телевизија БТВ, каде што соопшти дека ја напуштила Македонија. Тогаш тврдеше дека границата ја преминала уредно – излегувајќи со македонска лична карта, а влегувајќи во Бугарија со бугарски документ. Нејзиниот адвокат Николај Димитров одби да открие на кој граничен премин ја минале границата, образложувајќи дека не сака да им создаде проблеми на луѓето кои, според него, им помогнале.

Најнови вести од: Македонија

To top