Македонија

И по петтата средба оваа година – нема договор на Историската комисија со Бугарија

Средбата во Скопје заврши без конкретни резултати

Дводневниот состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, одржан на 5 и 6 ноември во Скопје, повторно заврши без конкретни резултати.

Според информациите што ги пренесе бугарската агенција БТА, повикувајќи се на бугарските членови, разговорите повторно заглавиле околу начинот на кој Охридската архиепископија треба да биде претставена во македонските учебници по историја. Бугарската страна оцени дека дискусијата не донела напредок и дека договор со македонските колеги не бил постигнат.

На средбата била отворена и темата за заедничко одбележување на 120-годишнината од смртта на Даме Груев, која се навршува во декември. Бугарските претставници повторно предложиле заедничко чествување на револуционерот, кого го сметаат за личност од заедничката историја. Според нив, предлогот останал без одговор од македонската делегација.

Македонските членови, пак, предложиле заеднички да се одбележи отпорот против антисемитизмот, фашизмот и националсоцијализмот, кој започнал во двете земји во 1941 година. Бугарската страна го одбила предлогот, образложувајќи дека станува збор за поширок европски историски контекст што не треба да се ограничува само на билатерална иницијатива.

Бугарските медиуми јавуваат дека делегацијата од Софија повторно се повикала на очекувањата на Европскиот парламент и Европската комисија за постигнување конкретни резултати. Во последниот извештај на Европската комисија се наведува дека Комисијата одржала четири средби меѓу септември 2025 и март 2026 година, но без опипливи резултати.

Средбата во Скопје беше петта заедничка средба на Комисијата во 2026 година. Следната е закажана за почетокот на декември во Софија.

Комисијата и понатаму останува блокирана околу толкувањето на средновековната историја и заедничкото чествување на историски личности. Иако е формирана со цел преку дијалог да придонесе за надминување на споровите, досегашниот тек покажува дека компромис околу најчувствителните теми сè уште недостасува.

Најнови вести од: Македонија

To top