Љупчо Нешков, сопственик на бугарската информативна агенција БГНЕС што го направи (не)славното интервју со експремиерот Зоран Заев, во кое несудениот муртински нобеловец зборуваше за „с’шти народ“ и за „бугарски администратори во Втората светска војна“ во Македонија, смета дека нема застој во македонската евроинтергација, туку намерна самоблокада?!
„Власта во Република Северна Македонија нема вистинска желба и не презема никакви чекори за започнување преговори за членство во Европската Унија. Недостигот од напредок не е само застој, туку намерна блокада, зад која е видливо влијанието на Белград и т.н. ‘српски свет’“, изјави Нешков во емисијата „Крстопат“ на тамошната телевизија Нова.
„Ако одиме по површината, не само што ќе ја потцениме ситуацијата, туку може да се соочиме со многу големи потреси на Балканот, какви што имаше само пред 30 години. Тука немаме само чисти бугарско-македонски односи. Ова е многу посериозен удар за Европската Унија. Властите во Скопјe практично немаат желба за преговори. А кога доброволно се повлекувате, откако Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен ќе ви кажат што да правите, се поставува прашањето: со што се пополнува овој вакуум?“, коментира новинарот роден во Скопје.