Македонија

Денеска се потпишува договорот за изградба на автопатот Скопје–Блаце

Градежните работи треба да започнат уште во јули

Во Владата денеска во 11 часот ќе биде потпишан договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за грант-средства наменети за изградба на автопатот Скопје–Блаце.

На настанот ќе се обрати и премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот минатата недела соопшти дека е завршена постапката за избор на изведувач и дека со денешното потпишување на договорот ќе се создадат услови градежните работи да започнат уште во текот на овој месец.

Станува збор за инфраструктурен проект што со години бил одложуван. Вториот дел од автопатот, долг 10,5 километри, ќе го гради конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“.

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, претходно најави дека изградбата ќе започне летово, а целиот проект се очекува да биде завршен за околу три и пол години. Трасата ќе опфаќа пет тунели, две галерии, 12 мостови и десетици други придружни објекти.

Николоски оцени дека изборот на домашна компанија за изведувач е силен сигнал дека македонските градежни фирми имаат капацитет за реализација на големи инфраструктурни проекти.

Автопатот Скопје–Блаце вкупно ќе биде долг 12,5 километри. Од 2020 година се работи на првата делница од 2,5 километри, а новиот договор се однесува на преостанатиот дел.

Овој патен правец е дел од важен регионален коридор што ја поврзува Македонија со Косово, а преку него и со Црна Гора и пристаништето Бар. Се очекува неговото завршување значително да го олесни патничкиот и товарниот сообраќај и да придонесе за подобро економско поврзување на регионот.

Најнови вести од: Македонија

ЈСП губи патници: Дали во Скопје умира јавниот превоз и како да се зачува градската навика?!

Најголемиот недостаток во досегашните дискусии за јавниот превоз е што БРТ, лесното метро, градскиот воз и класичните автобуси често се третираат како одвоени решенија. Но, модерниот јавен превоз функционира токму спротивно – како мрежа во која различни видови транспорт се надополнуваат.

Ѓорге Иванов: Секоја генерација има своја борба, нашата е за подостоинствен живот во Македонија

Чествувањето на 23 Октомври во рамките на политичкиот дискурс во Македонија служи како инструмент за мобилизација на јавното мнение и потсетување на колективната меморија. Политичките елити го користат овој историски датум не само за оддавање почит кон жртвите од минатото, туку и за легитимирање на сопствените политички агенди поврзани со реформите, европските интеграции и заштитата на националните интереси.

На Денот на македонската револуционерна борба порака од Кос: Направете ги уставните измени, исполнете ја вашата обврска!

Уставните измени се чекорот што треба да го направи земјава за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по денешната тет-а-тет средба во Брисел со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.

СВР Тетово: Се преземаат мерки за спречување меѓуетничка нетрпеливост кај младите

Секторот за внатрешни работи Тетово ја информира јавноста во врска со видео материјалите кои се споделени во дел од социјалните мрежи, а се однесуваат на синоќешниот инцидент во кој беа вмешани неколку малолетни лица, дека синоќа тие малолетници се обиделе да проверат кај две 11-годишни деца дали нивната облека содржи обележја на навивачка група, при што изреагирале случајни минувачи и не дошло до физички контакт.

Мицкоски: Над 1200 градилишта низ РМ, вложуваме во автопати, железница, образование и инфраструктура! – Јавните функционери да ја оправдаат дадената обврска!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата во изминатите две години работи на реализација на голем број инфраструктурни и развојни проекти, посочувајќи дека низ државата има повеќе од 1.200 активни градилишта и проекти.

To top