Македонија Колумни

Повикот на Мисирков за безгранична љубов кон Македонија и постојано работење за нејзините интереси – најсилно оружје против грчко-бугарската агресија врз Македонија и Македонците

Вонвременските мисли на Мисирков се најдобриот македонски одговор и денес за дрските наредби на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис дека Македонците „мора строго, посветено и целосно да го спроведуваат Преспанскиот договор“ и секогаш и секаде да го користат „уставното име С.Македонија“. Вонвременските мисли на Мисирков се најдобриот одговор во еднаква мера и за жестоките напади и оспорувања на македонскиот идентитет, јазик и историја и од страна на Радев, Желјасков и другите бугарски политичари, кои ги сметаат Македонците како „национално неразбудени Бугари“, што говорат „современ јазик, новосоздаден врз бугарски историски темели“.

Пишува: Свето Тоевски

„Како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници… Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас, Македонците, да нѐ прашаат за сите прашања, што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи…Соседите мора да се помират со тоа дека Македонците се тука, оти постојат и дека имаат свои, македонски национални чувства. Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам.“ – овие вонвременски мисли на еден од основоположниците на македонизмот Крсте Петков Мисирков, искажани во две негови статии за националното македонско самоопределување на македонскиот народ, кои се објавени во весникот „Мир“ во март 1925 година, се најдобриот македонски одговор и денес за дрските наредби на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис дека Македонците „мора строго, посветено и целосно да го спроведуваат Преспанскиот договор“ и секогаш и секаде да го користат „уставното име С.Македонија“. Овие вонвременски мисли на Мисирков се најдобриот одговор во еднаква мера и за жестоките напади и оспорувања на македонскиот идентитет, јазик и историја и од страна на Радев, Желјасков и другите бугарски политичари, кои ги сметаат Македонците како „национално неразбудени Бугари“, кои говорат „современ јазик, новосоздаден врз бугарски историски темели“. Денес, на 26 јули се навршуваат 99 години од смртта на Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ и ова е извонредна пригода за ново навраќање на врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме, заради нашиот опстој во сегашниве драматично разбранувани и геополитички вителни мигови во светот. Мислите на Мисирков се и животно важни патокази на претстојниот развој на македонската држава и македонската нација.

Крсте Мисирков е еден од најзначајните ликови во историјата на Македонското национално движење и веројатно е најзаслужен за македонското национално самоосознавање, за будењето на македонската национална свест. Тој е македонски национален мислител и втемелувач на филозофијата на македонизмот како филозофија на човековата слобода, крената на највисокото рамниште на хуманизмот. Мисирков не е единствениот, но е еден од најбележитите духовни воини за поставувањето, дефинирањето и интегралното решавање на Македонското прашање во двете негови компоненти: национално-политичката и јазичната компонента.  Тој е роден на 18 ноември 1874 година во селото Постол, во Ениџе Вардарско, во Егејскиот дел на Македонија, во денешна Грција..

Завештанието на Мисирков до секое македонско поколение да ги чува својата македонска свест и чувство над сѐ друго во светот

Од неизмерно значење за афирмацијата и одбраната на на македонската етничка засебност не само во Балканот, туку и во светски рамки, останува пораката на Крсте Мисирков, која е и своевиден негов аманет до секое идно македонско поколение: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сè друго во светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме блискоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште.“ (Крсте Петков Мисирков, статија „Самоопределувањето на Македонците”, објавена во весникот “Мир” на 25 март 1925 година).

„За македонцките работи“ уште пред 122 години ја разобличи асимилаторската политика на Грција и Бугарија против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет 

Остварувањето на идејата за одделен македонски јазик е разработено во книгата „За македонцките работи“ на Мисирков, објавена во Софија во 1903 година. Во неа Мисирков како исклучителен го издвојува јазикот, преку кој македонскиот народ може да се разграничи и да се доживее себеси како посебен етнички и јазичен ентитет. Во „За македонцките работи“ Мисирков уточнето ја согледува улогата на јазикот не само како средство за јазична комуникација, туку и како инструмент, преку кој што се усвојува и се пренесува колективното паметење на народот и неговата културна традиција.  За Мисирков јазикот на еден народ е негово богатство и наследство. „Да го сочува некој својот народен јазик  и да го брани како светиња значи да се остане верен на духот на своите прадедовци и да се уважи се што тие имаат направено за своето потомство.“ – ќе каже Мисирков во „За македонците работи“.

Таа книга е и политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското народноослободително движење и за создавање самостојна македонск држава. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет. Денес, кога најжестоките напади се вршат токму врз македонскиот јазик не само од Бугарија, туку и од Грција преку „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“, од непроценливо значење е и следниов став на Мисирков: „Не случајно покорителите инсистираат покорените да се откажат од својот јазик, затоа да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже и од својот народен дух“. А да се откаже од својот народен дух значи да се откаже и од својата етничка засебност, односно да се откаже и од самиот себе. Затоа македонската интелигенција посебно денес има уште поголема одговорност, но и национална должност да го разгори повторно огништето на македонизмот, да ги продолжи заложбите на Мисирков и на Македонското научно литературно другарство за целосна и бескомпромисна одбрана на македонскиот јазик, идентитет, култура и историја на македонскиот јазик од сите „санстефански“ и „преспански“ угрози.

Со „За македонцките работи“ и денес против грцизацијата и бугаризацијата на македонската историја, јазик, идентитет и култура

Денес мора со творечко разбирање и дејствување врз основа на тезите од „За македонцките работи“ од 1903 година, категорично и аргументирано да се побијат и да се отфрлат хегемонистичките и ненаучни стремежи за хеленизација и бугаризација на одделните епохи и фази на македонската засебна историја, како и на македонскиот јазик и идентитет. Античкомакедонскиот, средновековниот и нововременскиот дел на засебната македонска историја се прогласуваат или се веќе прогласени како „неделив дел од хеленското, грчко наследство“, или како „дел на бугарската историја“, а македонскиот јазик како „регионална норма на бугарскиот јазик“. Во Уставот е избришана Република Македонија како суверена национална држава на македонскиот народ и наместо неа фигурира експерименталната форма на еден вид парадржава, именувана како „северна Македонија“. Како „единствени сопственици“ на името Македонија со „Преспанскиот договор“ се прогласени Грците и Грција.

Креирањето на „новиот“ „северномакедонски етнички идентитет“ и „новиот“ „северномакедонски јазик“ значи обид да се прекине тримилениумскиот континуитет на постоењето на македонскиот народ со неговата колективна меморија. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик се ставени во испланиран и започнат процес на бришење како македонски и на нивно припишување како „составен дел“ на бугарската колективна меморија и културно-историско наследство и на грчката колективна меморија и културно-историско наследство. Но професорката Билјана Ристовска-Јосифовска аргументирано нагласува дека името Македонија, во сета историја, како столб на македонизмот, нема никаква поврзаност со концептот на грцизмот, туку е основен, генерички белег на македонскиот народ во сите етапи на неговото постоење. „Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, од кои еднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата. Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја.“ – има напишано Ристовска-Јосифовска во една своја научна статија з македонскиот идентитет од 2020 година.

Со сета своја сила и мудрост прозвучуваат и денес зборовите на Крсте Мисирков од „За македонцките работи“, иако се напишани уште пред 122 години: „Да сочуат некој својот народен јазик и да го бранит као светијн’а, значит, да останит он верен на дуот на својите предедовци и да уважаат сé, шчо имаат они напраено за својето потомство. … Верата и јазикот, тоа сет душата на једен народ…“

Мисирков уште пред 120 години јасно одговори дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица

Во четвртата статија од капиталната студија за македонизмот „За македонцките работи“ со наслов „Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична іединица?“ Мисирков, покрај другото, пишува: „Ниiе македонците имаме своiа историiа и  сме народ … имат во нашата историiа много самобитно и своiеобразно, као шчо iет да речиме самостоiната Охридцка архиепископиiа, со неiното работеiн’е на полето на народното просветуаiн’е.  … готоо во сите времиiн’а се забележуат силно работеiн’е на народниiо дух на културно-историiцка осноа, резултата на коiа се iауват образуаiн’е на силна македонцка држаа од цар Самуил и богата народна литература. А ако Македониiа до сега со мали исклу’чеiн’а се iет развиiала оддел’но од Бугариiа и Србиiа, то она можит да чинит и за однапред, ушче поеке, шчо пропагандите: бугарцка и србцка употребуваат сите и дозволени и не дозволени стретства да искоренат во нашиiот народен жиот се самобитно, се чисто македонцко. Самосталното политично развиiаiн’е на Македониiа iет необходност, као нешчо, без коiе ниiе не ке располагаме со доста стретства да се бориме со пропагандите за сочувуаiн’е од ниф нашата национална самобитност.“

Значи, Мисирков уште пред 120 години кристално јасно одговори дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица“, одделна независна држава. Илинденското востание не успеа да ја конституира таа „Македонска одделна етнографско-политичка единица“, но народнослободителната борба на македонскиот народ и Првото заседание на АСНОМ ги конституираа илинденско-асномските темели на македонската држава, за која се залагаше со своите теоретски поставки и Мисирков. Тој креираше социолингвистичка реалност, во чиј центар се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ.

Или Македонците ќе ја ликвидираат „северномакедонската социолингвистичка реалност“, „скроена“ од Грците и Бугарите, или таа ќе ги ликвидира нив!

Но, оваа социолингвистичка реалност на Мисирков барем засега не постои. Неа ја урнаа двата акта, кои се нарекуваат „добрососедски договори“ – „Преспанскиот договор“ и „Бугарскиот договор“, или „Договорот со Бугарија“, кои почнаа да креираат нова, така наречена „северномакедонска социолингвистичка реалност“, во која не постојат македонска држава, македонски народ, македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик. Овие два добрососедски договора целосно ги негираат, целосно ги поништуваат споменатите и сите други тези од „За македонцките работи“.

Затоа, Македонците бараат час поскоро да се возобнови илинденско-асномската социолингвистичка реалност, во чиј центар ќе продолжат да опстојуваат како државотворен народ и македонската држава. Македонскиот народ бара возобновување на Република Македонија и тоа, според авторот на оваа колумна, ќе биде најдобро да се направи, покрај другото, со навраќање повторно и на етнографско-политичките поставки од „За македонцките работи“. Всушност, возобновувајќи ја македонската држава, Република Македонија, македонскиот народ ќе треба заедно со своето државно-политичко раководство да го напише колективно вториот дел на „За македонцките работи“ на Мисирков. Првите два чекора се ликвидацијата на „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“ и потоа целосното возобновување на македонската држава во полза на македонскиот народ и сите други граѓани.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошкко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со која било политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

Најнови вести

To top