Македонија

За Кривичниот законик и за Изборниот законик донесовме храбри одлуки, вели Костадиновски

Уставен суд

Уставниот суд на Македонија и Уставниот суд на Косово потпишаа Меморандум за разбирање и за заемна соработка во области од заеднички интерес.

Со овој документ, што го потпишаа претседателите на двата суда, Дарко Костадиновски и Неџми Реџепи, се поставуваат основите за продлабочување и институционализирање на соработката меѓу уставните судови на двете земји, соопшти Уставниот суд.

Меморандумот е резултат на досегашната успешна и конструктивна комуникација, а неговата цел е да овозможи континуиран развој на односите, унапредување на професионалните капацитети и подобрување на квалитетот на судската пракса и на донесените одлуки, се додава во соопштението.

Во рамките на соработката се предвидува организирање на заеднички научни конференции, семинари и стручни обуки, како и размена на искуства, судска пракса, истражувачки резултати и релевантна литература. Со тоа се создава платформа за поголема меѓусебна поддршка и размена на добри практики во областа на уставното судство.

Потпишаниот меморандум стапува во сила веднаш и ќе има важност од 5 години, со можност за продолжување.

Уставните судии одржаа и конференција на тема „Уставна контрола на законите и другите акти“, на која се дискутираше за современите предизвици и искуства во примената на уставната контрола.

Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Дарко Костадиновски во своето излагање сподели дел од праксата на Уставниот суд, која се однесува на уставната контрола.

– Оценката на формалната уставност на законите според моето мислење треба да се интерпретира во најширока смисла, бидејќи тоа не е еднозначно прашање, туку станува збор за состојба. Честопати зборувам на оваа тема и неминовно е споменувањето на двете спротивставени теории за толкувањето на Уставот – од една страна е оригинализмот и конзервативниот пристап, а од друга страна е живиот конституционализам. Јас сум приврзаник на умерениот жив конституционализам, не ја поддржувам која било екстремна форма, без оглед дали станува збор за конзервативните сфаќања или пак за премногу либералните кои може да предизвикаат судократија – рече Костадиновски.

Токму во оваа насока ќе посочам две одлуки на Уставниот суд, кој се охрабри да оценува спорни закони, како што беа измените во Кривичниот законик и во Изборниот законик, додаде тој.

– Не само што констатиравме дека има пропусти од формален аспект, како што е злоупотреба на европско знаменце, без да има приложено европска легислатива за пример во самите закони, туку навлеговме и во оценување на постапката, која се коси со основни човекови права, заштитени со Уставот – изјави Костадиновски.

Уставните судии од Косово искажаа особен интерес за уставната контрола, прашањето на надлежноста на судовите и за можноста за одлучување при судир на два закона. Претседателот на Судот во Косово сподели примери од последните неколку години со кои ја објасни разликата во одлучувањето и во донесувањето на храбри одлуки во насока на владеењето на правото.

– Се сеќавам на една дискусија со Роберт Бадентер и главното прашање кое беше поставено беше, колку далеку може да оди Уставниот суд при одлучувањето? Ние имаме дилема, за една седница која беше многу важна во политичко-општествен контекст, кога до Уставниот суд се обратија со продцедурални прашања, а притоа Собранието беше блокирано и се определивме да одлучиме колку пати може да се гласа за еден кандидат во државен орган. Ние донесовме одлука како процедурален критериум, според која за еден кандидат може да се гласа најмногу во три круга. До овој заклучок дојдовме следејќи го духот на текстот на Уставот, а Судот остана единствен орган да донесе одлука по оваа тема, што значи собравме храброст и одлучивме. Имаше критики, но поголемиот дел од јавноста, а и тие што критикуваа ја сфатија поентата и значењето на она што беше одлучено – изјави претседателот Реџепи.

Уставната судијка Ана Павловска Данева истакна дека како професорка на Правниот факултет го користи својот комодитет да ја примени теоријата во Уставниот суд.

– Во двата случаи кои ги потенцираше претседателот Костадиновски имавме можност да цениме дали законите се во согласност со Деловникот на Собранието. Хиерархиски, како што е поставен Деловникот, тој не е на ниво на Закон, но го анализиравме од два аспекта. Прво, се поставува прашањето дали уставноста ќе ја цениме само од формален аспект и ќе внимаваме на секоја точка, запирка и буква или уставноста ќе ја толкуваме како збир на акти, вклучително и Деловникот којшто е подзаконски акт, но чија примена претставува (не)придржување кон начелата и темелните вредности на Уставот. Мнозинството во Судот, на мое задоволство, одлучи дека иако Деловникот на Собранието не е Устав, тој беше прекршен во носењето на клучни закони, како што се Изборниот законик и Кривичниот законик. Кога имате таква ситуација и неуставност како рефлексија на правата и обврските на сите граѓани во државата, според мене апсолутно беше клучно да ја примениме уставно-правната теорија дека Устанвиот суд од случај во случај ќе го цени општествениот контекст и значење на секој предмет и секаде каде што може ќе ја толкува широко својата надлежност. Оти само така можеме да го применуваме начелото на владеењето на правото. Инаку генерално, оценката на уставноста на законите е нешто што најдобро го прави овој суд и не само во овој состав туку и во изминатите 60 години откако постои, бидејќи ние немаме уставна жалба и секој состав е исклучиво сконцентриран на оценување на уставноста на законите или подзаконските акти -рече судијата Павловска-Данева.

Судијката Добрила Кацарска рече дека нивната надлежност е утврдена исклучиво со Уставот и тоа во членот 110 и не можат сами да си ја прошируваат надлежноста.

– За тие два закона што ги спомена претседателот на Судот гласав против, бидејќи ние не можеме да ја преземеме надлежноста на Собранието. Јас прва го критикував Законот за измена и дополнување на КЗ, но притоа кажав дека изјавата ја давам како граѓанин и долгогодишен судија во Кривичниот суд, во никој случај како уставен судија, од причина што како судија на Уставниот суд ги ценам одредбите од законите дали се во согласност со Уставот или не. Сметам дека не е наша надлежност да кажуваме колкави треба да се казните за секое кривично дело во Кривчниот законик или колку потписи се потребни за независните кандидати во Изборниот законик, тоа е надлежност на Собранието. За прашањето дали некој закон треба да се донесе со европско знаменце или не, треба да води сметка Законодавецот, затоа што тоа е нивна надлежност. Со укинувањето на одредбите од Кривичниот законик и Изборниот законик сметам дека ние ја преземавме улогата на Собранието – изјави судијата Кацарска.

Судијата Татјана Васиќ-Бозаџиева истакна дека одговорот на прашањето дали Уставниот суд има уставна надлежност да оценува формална уставност на законите е содржан во членот 108 од Уставот, според кој овој Суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста.

– Оваа уставна одредба го овластува Судот да ја оценува уставноста како уставен принцип во целина која ги опфаќа двете димензии на уставноста: формалната и материјалната уставност, без да исклучува една од овие два вида уставност. Оттука кога одлучува за формалната уставност на донесен закон, Уставниот суд не ја пречекорува својата надлежност. Ваквиот став е различен од досегашната уставно-судска пракса на Уставниот суд, според која овој Суд нема надлежност да ја оценува формалната уставност поради што има донесено само неколку одлуки со кои ја оценува оваа уставност. Прва одлука која претходела на одлуките за Изборниот законик и Кривичниот законик е Одлуката од 2019 година со која се укинува Законот за спречување и заштита од дискриминација поради тоа што тој закон не беше донесен со потребното мнозинство – изјави судијата Бозаџиева-Васиќ.

Судијата Насер Ајдари во обраќањето истакна дека има дилеми во однос на формалната контрола на законите.

– Ако преширко одиме можеме да станеме ние позитивен Законодавец што не е добро. Нашите надлежности се точно утврдени во член 110 од Уставот – кажа судијата Ајдари.

Делегацијата на Уставниот суд на Косово е во дводневна посета во Уставниот суд на Република Македонија. Претставници на двете делегации остварија средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, соопшти Уставниот суд.

Најнови вести од: Македонија

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

ВМРО ДПМНЕ: Им го честитаме резултатот на СДС во Брвеница! Им посакуваме уште многу вакви резултати во иднина со Филипче на чело!

„Поддршката која СДС ја доби од граѓаните на Брвеница е од досега невидени размери. Се согласуваме. На 4-то место се!“ – им порачува со иронија ВМРО ДПМНЕ на политичките ривали на „Бихаќка“ во Скопје.

Шасивари ќе бара мислење од Венецијанската комисија за измените, поврзани со полагањето на правосудниот испит

Министерството за правда започна консултации со правните факултети и студентите за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит. Целта е да се слушнат ставовите на академската заедница и да се дојде до правно издржано решение што ќе ги почитува јазичните права и професионалните стандарди. Министерот за правда Јетон Шасивари истакна дека измените нема да […]

МНР: Навредливи се и провокативни изјавите на Демерџиев и Радуков за Михајлова – тоа е директно мешање во внатрешните работи на македонската држава!

На средбата, како што соопшти МНР на Република Македонија, било изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна.

Поетот Никола Маџиров: Не е најболно тоа што победниците ја пишуваат историјата — туку тоа што тие ги тераат понижените да ја читаат

„Сведоци сме дека сите војни почнуваат со тргување на историите и митовите, а потоа почнуваат одземањата на личните приказни, веднаш штом ќе се исцртаат новите поствоени граници. Моите предци одлучиле да им биде одземен домот наместо личните приказни и така ме задолжија да се сеќавам без да мразам, да пишувам без да верувам во изделканите истории. Затоа што постојат личните приказни прераскажани од гласовите што не се составени од коски, туку од вистини кои не можат да се кремираат или да се изложат пред црвите на времето“, вели најуспешниот современ македонски поет, чија поезија стана препознатлив дел од модерната светска поетска сцена, без да мора читателот прво да знае многу за Македонија.

Дете (13) тепано брутално од 15 малолетници на плоштадот во скопско Влае и со метален предмет – скршени му се забите и нанесени сериозни повреди

Тринаесетгодишно дете било физички нападнато од група малолетници во скопската населба Влае, а според неофицијалните информации, нападот бил толку брутален што детето останало со сериозни повреди, меѓу кои и искршени заби. Според сведоштва, во тепањето бил употребен и метален предмет. Нападот се случил во саботата, на плоштадот „Делфина“, околу 00:30 часот. Според информациите што се […]

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

Најнови вести

To top