Невена Георгиева – Дуња многу мала останала без мајка си и така од најраните години ги осознала сите тешкотии на животот. За да заработи за живот, покрај учењето, таа се занимавала и со шиење. Меѓу двете светски војни станала припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење. Со своите 16 години, од 1941 година, како младинска активистка учествува во подготовките за оружено востание во Македонија. Како скоевка уште во 1941 година растурала летоци. Ги криела меѓу шиените фустани, за да не биде фатена од окупаторската полиција,. Но, непријателот ја забележал нејзината активност, па морала да замине во илегалство.
Непријател број еден за бугарските фашистички окупатори
Георгиева почнала со револуционерната дејност како членка на СКОЈ и на 16 години му се придружува на Првиот скопски партизански одред како еден од неговите први 12 припадници. Покрај скопскиот, учествувала во формирањето на уште два партизански одреда, велешкиот и струмичкиот, одејќи пешки низ Македонија, за да го мотивира народот да се придружи на борбата. Станува непријател број еден за бугарските окупациски власти, поради своите активности: тие во отсуство ја осудиле на седум години затвор. Нејзината глава ја уцениле на 4 илјади лева. Во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.
Во 1942 година на 17-годишна возраст загина партизанката Невена Георгиева – Дуња во борбата со бугарските фашисти за слободата на Македонија. Партизанскиот одред „Димитар Влахов“ беше нападнат од бугарската окупаторска полиција. Невена Георгиева – Дуња, која се бореше во првите борбени редови на овој одред, беше смртно погодена од фашистички рафал. Има две верзии за датумот и местото на загинувањето на Дуња. Едната е дека тоа се случило кај Папрадиште, Велешко, на 6 декември 1942 година. Како што стои на повеќе спомен-обележја, втората верзија е дека храбрата партизанка загинала на 16 декември кај селото Нежилово, Велешко.
Масакрирана, иако веќе мртва, и ѝ ја отсекле главата, шетајќи ја набиена на кол низ велешките села, за да го заплашат востанатиот македонски народ
Кога бил нападнат одредот започнала жестока битка, во која непријателот бил многу поброен. Неколку партизани заедно со Дуња ја бранеле нивната позиција. Пo неколкучасовна борба херојски загинала од фашистички рафал. Така згасна животот на оваа храбра Македонка, која останала светол пример како девојка–македонски патриот. Иако веќе била мртва, бугарскиот фашистички окупатор го масакрирал нејзиното безживотно тело. Ѝ ја отсекле главата и набиена на кол ја шетале низ велешките села, за да го заплашат востанатиот македонски народ. Заради страв на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.
Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“. Во скопскиот Жена-парк постои спомен-обележје посветено на Дуња. Била поставена нејзина биста во 1978 година и во Студентскиот дом во Скопје, што го носи нејзиното име. Во 2014 година нејзината биста во дворот на студентскиот дом била уништена, а во 2016 била украдена и нејзината биста во основното училиште во Кисела Вода. Во 2013 година е откриена нејзина спомен-плоча и во велешко Нежилово, село соседно на Папрадиште.
Извор: Википедија, „Македонска нација“