Македонија

Народниот херој Иљо Антески – Смок, револуционерна борба и саможртва, вградени во темелите на македонската држава – 107 години од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1919 година во Тетово е роден Илија – Иљо Антески – Смок, народен херој на македонскиот народ, комунист и првоборец. Неговата револуционерна борба и саможртва го впишуваат во најсветлите страници на македонската национална историја и на колективното паметење на македонскиот народ.

Илија – Иљо Антески – Смок е роден во сиромашно печалбарско семејство. По завршувањето на основното и средно образование работел во монополот во Тетово. Во 1939 година се запишал како вонреден студент на Правниот факултет во Белград. Соочувајќи се секојдневно со неправдата, се приклучил на работничкото движење. Во 1940 година Илија станал член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ), а во септември 1941 година станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и Месниот комитет (МК) на Тетово.

Политички комесар на одред и инструктор на Окружниот комитет на КПЈ за делот на Македонија под италијанска окупација

Со својата активност Илија дал голем придонес во антифашистичката борба. Неуморно работел населението од Тетово и Тетовско активно да се вклучи во оружената борба за слобода во текот на Втората светска војна Поради својата активност, во јуни 1942 година бил принуден да премине во илегала. На почетокот на септември истата година заминал во партизани. Илија се приклучил на Гостиварско-мавровскиот народноослободителен партизански одред „Кораб“. Потоа бил назначен како политички комесар на одредот и инструктор на Окружниот комитет на КПЈ за делот на Македонија под италијанска окупација.

Ноќта на 26 спроти 27 март 1943, на Велигден, партизаните од новоформираниот партизански одред „Кораб“ упаднале во заседа во Ново Село, Гостиварско. Во нерамноправна борба со балистите во селото загинале Злате Дамјановски, Анте Гиноски, Радован Цониќ и Боге Велјановски. Душко Поповиќ, Илија Антевски-Смок, Раде Угриновски, Драге Тодоровски, Трифко Андоновски, Христо Оџаклиевски, Злате Малаковски, Јаким Синадиновски, Антигона Туфа и Сина Димитровска биле заробени. Осуммина успеале да го пробијат непријателскиот обрач. Како политички комесар на овој одред Илија Антевски-Смок бил заробен со уште девет партизани од балистите по овој оружен судир. Прво бил затворен во Гостивар, каде што бил мачен. Потоа бил спроведен од италијанските фашистички сили во Тирана, во Албанија, заедно со другите заробени. Малолетните партизани, меѓу кои и народниот херој Злате Малакоски биле осудени на робија. Возрасните биле осудени на смрт со бесење.

Сам се качува на сандакот со бесилката, си ја става јамката на вратот и со јуначки извик заминува во бесмртноста

Поради оваа одлука на фашистичките колаборационисти, Комунистичката партија на Албанија испечатила летоци и повикала на протест. „Народе на Тирана, шест Македонци, борци за слобода, ги бесат денес фашистичките колачи на тиранската земја.“ – било напишано на врвот на летокот. Истиот ден Околискиот комитет на Комунистичката партија на Албанија за Тирана организирал масовни демонстрации, на кои излегле илјадници жители на Тирана. Демонстрациите не дале резултат. Подробности за нив навел Илија Топалоски во својата статија „Нашата бригада и братството со албанскиот народ“. „Другари, смрт на фашизмот – да живее револуцијата!“ – извика со силен и пробивен глас Иљо Антески-Смок ноќта меѓу меѓу 16 и 17 мај 1943 година во затворот во Тирана со кренати тупаници на двете раце пред очите на повеќе од 400 затвореници. Пред тоа самиот се качи на сандакот со бесилката, со своите раце ја зеде јамката, самиот си ја стави на вратот и по извикот јуначки замина во бесмртноста, покажувајќи како се бори и како умира Македонецот за слободата на Македонија и за својот народ.

Покрај Иљо Антески-Смок, во затворот во Тирана биле убиени и комунистите Душко Поповиќ, Христо Оџаклиевски, Раде Угриновски, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски, заробени заедно со него. Иљо Антевски Смок ѝ припаѓаше на онаа плејада борци од НОБ и антифашистичката војна, кои несебично се жртвуваа за националната слобода на Македонија. Тој загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата, во која толку многу веруваше. Но, неговите дела и идеали длабоко се врежани во срцето на македонскиот народ и се вградени засекогаш во темелите на македонската држава. Денес неговото име го носи националната установа Центар за култура во Тетово, а постои и спомен-обележје во тетовската населба Два Бреста.

 

Извор: Википедија

 

 

Најнови вести од: Македонија

Невена Николова Георгиева-Дуња, на 16 години организатор на отпорот против бугарскиот фашистички окупатор – 101 година од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1925 година во Скопје е родена Невена Георгиева – Дуња, македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни, учесник во НОВ од 1941 година. Со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена-партизан во партизанските одреди на Македонија. Дуња не е само член на СКОЈ и партизан:  истовремено била и организатор на отпорот во Скопје, во Велес, во Штип и во Струмица, каде што дејствува под прекарот Мирка. Врши разузнавачки активности за отпорот и е истовремено организатор и прави регрутација. Во тој период Дуња има само 16 години. Во 1942-ра на 17 години станува дел од третата чета на партизанскиот одред „Димитар Влахов“ во Велес и околината. Својата младост херојски ја положува во темелите на македонската држава, загинувајќи на таа возраст. Но не била прогласена како народен херој. Со тоа ѝ била нанесена несфатлива историска неправда.

Комисијата за заразни болести предупредува: По загадената вода во Гостивар можно е да се појават случаи на жолтица

Комисијата за заразни болести предупреди дека во наредниот период во Гостивар постои можност да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата. Засега нема потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен надзор поради периодот на инкубација на вирусите.

Најнови вести

To top