Коалицијата ВЛЕН остро ја нападна партијата ДУИ, обвинувајќи ја дека со своето однесување ја обезвреднува албанската политика, блокира важни закони и се обидува да се приближи до ВМРО за да избегне кривична одговорност.
Во објавата, ВЛЕН наведува дека актуелното раководство на ДУИ „ги мрази мнозинството Албанци“ кои ја испратија партијата во опозиција и дека нејзината деструктивност добива загрижувачки размери.
„Тие го блокираат Законот за правична застапеност и работат директно против еден од фундаменталните принципи на Охридскиот договор“, се вели во соопштението.
Од ВЛЕН додаваат дека раководството на ДУИ страда од „политичко слепило“ и дека по 22 години учество во владите со СДСМ и ВМРО станале „најлошите можни претставници на албанскиот глас“. Албанците, според нив, повеќе не сакаат да бидат претставувани од луѓе кои „злоупотребиле и проневериле средства од Европската Унија“ и кои не успеале да им обезбедат на граѓаните ниту чиста вода за пиење.
„Албанците никогаш повеќе нема да се идентификуваат со оваа нереформирана ДУИ, која носи директна одговорност за обезвреднувањето на албанската политика“, стои во објавата.
Според ВЛЕН, малата група околу Али Ахмети се нуди политички на ВМРО со цел оваа партија на следните парламентарни избори да обезбеди повеќе од 60 пратеници. Целта, велат тие, е да се избегне кривична одговорност за корупцијата во претходните влади со СДСМ.
„Обидот да се создаде лажен впечаток дека правата на Албанците се загрозени само затоа што ДУИ не е партнер во владината коалиција е намерен чин во служба на политичките интереси на македонските десничари и предавство на албанската кауза“, заклучуваат од ВЛЕН.
Засега од ДУИ нема реакција на овие обвинувања.