Македонија

Македонка со животен пат од речиси 1 век: Голем борец сум и се радувам на секој ден

Не планира многу, го живее моментот

Скопјанката Бранислава Личеноска која има 92 години со своите сограѓани споделува животни искуства кои се драгоцени за граѓаните од сите старосни групи:

Мојот животен пат од скоро еден век можам да го поделам во шест дела, исполнети со убави и грди работи што ми се случиле, раскажува тетка Бранислава чии сеќавања ви ги пренесуваме:

Првиот дел – најраното детство. Се сеќавам кога почина мојот татко, млад, на 32 години. Останав сирак на 5 години.

Вториот дел од моето детство – кога мајка ми се премажи за постар маж (20 години постар) и се создаде мешаница од деца: твои, мои и заеднички. Така немав младост. Основната цел ми беше да го завршам економското училиште, да се осамостојам и да се вработам.

Третиот дел – на 20 години се мажив за момчето со кое бевме две години вљубени. Бевме убав пар и сите заедно живеевме. Со семејството на мојот сопруг во голем стан, секој имаше свое катче. Прекрасни беа свекрвата и свекорот, двата браќа и бабата на мојот сопруг. Живеевме убаво од 1954 до 1960 година. Ми се роди постарата ќерка и јас го завршив Економскиот факултет во Скопје, со нивна голема поддршка.

Четвртиот дел – многу среќни отидовме во стан во Карпош. Убаво го средивме, но потоа едвај ја спасивме живата глава. Се сруши зградата, но останавме живи – јас, сопругот и ќерките. Потоа, како и сите Скопјани, живеевме по шатори поради земјотресот во 1963 година.

Петиот дел – од 1964 година, со купување на барака, „Фиќо“ и намештај на кредит, почна нашиот самостоен живот. Работев како секретар на Платен и девизен биланс на СР Македонија – многу значајна функција. Во 1966 година се роди и втората ќерка.

Тука сум и денес – како лавица се борам за секој ден. Во овие скоро седум децении се случиле и тажни и убави работи: неминовни умирања на блиски, свади меѓу двете ќерки… Цел живот ја уредувавме од 1964 година бараката и ја направивме куќа со два стана и градина на 500 м² земјиште. Убаво место за живеење. Земјиштето го откупивме по 9 евра за метар квадратен и платени комуналии – не како подоцна, кога градежната мафија правеше зградини и со взаемна корист купуваа плацеви по 1 евро.

Добивме три внуци, а јас и три правнуци. Во 2011 година, на 80 години, ми почина мажот. Јас се пензионирав на 55 години старост со 35 години работен стаж. Иако имав високи позиции како вработена, се пронајдов во моите многубројни хобиња.

Прво хоби: ткаење на селски разбој, плетење и везење на разни делови од облека – цели 27 години. „Модернизиран фолклор“, велеа костимографите. Правев изложби, а ТВ-куќи ме снимаа. Имам преку 300 парчиња изработени.

На 72 години го добив третото внуче и го изгледував – живеевме заедно со помалата ќерка.

Второ хоби: готвење со мерак. Направив многу рецепти.

Трето хоби: правење накит – монистра, гердани, гривни и обетки. Подарив со љубов преку 80 парчиња на пријатели преку Фејсбук и брза пошта.

Сега се сеќавам на ФБ. За поквалитетен живот, пред 3 години направив операција на катаракта на двете очи. Минатата година ја скршив раката, но со голем ангажман ја ставив во функција.

Сега на 92 години уште сум самостојна за сите мои лични потреби, а уште и помагам. Голем борец сум и се радувам на секој ден. Не планирам многу, го живеам моментот.

Најнови вести од: Македонија

Водата во Маврово привремено не е безбедна за пиење, водоводната мрежа се чисти превентивно

Жителите на дел од Маврово привремено не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење, поради превентивни активности за чистење на водоводната мрежа, соопшти Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“.

Парното греење во Скопје поскапува за 5,96 отсто – просечната месечна сметка од 2.353 на 2.493 денари

Од 1 август цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје ќе се зголеми во просек за 5,96 проценти, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов.

To top