Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека извештајот на Светската банка, според кој Македонија бележи најголем раст на авиосообраќајот и туризмот во Европа и Централна Азија, претставува поттик за уште поголема работа и посветеност.
Тој истакна дека земјава, и покрај глобалните предизвици, остварила рекордни резултати во авиосообраќајот и туризмот, што е препознаено и во анализата на Светската банка.
Според Николоски, со годишен раст од 40 отсто на пристигнувањата на патници, Македонија е издвоена како најуспешна земја во Европа и Централна Азија во оваа област.
Тој нагласи дека мерката за субвенционирање на нови авиолинии придонела за привлекување поголем број туристи и за дополнителен економски развој преку туризмот.

Како пример за позитивните резултати, Николоски го посочи охридскиот аеродром, каде што во еден ден биле опслужени повеќе од 3.000 патници, што, според него, претставува рекорд за аеродром со таков капацитет.
„Продолжуваме со уште повеќе инвестиции во авиосообраќајот и туризмот“, порача Николоски.