Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, оствари средба со Архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан, на која се разговараше за значењето на верата и религијата во животот на граѓаните, како и за важноста од зачувување и негување на духовните и традиционалните вредности.
На средбата беше истакнато и значењето на изградбата и одржувањето на црковните и верските објекти, кои претставуваат важен дел од културното и духовното наследство и имаат значајна улога во животот на локалната заедница.
Посебно внимание беше посветено на изградбата на храмот „Христос Спасителот“ во населбата Карпош 4, чиј камен-темелник беше поставен во 2015 година од страна на г. г. Стефан.

По завршувањето на надворешниот дел од храмот, во тек се активности за негово целосно уредување и фрескоживописување, по што ќе биде ставен во функција на верниците и граѓаните.
На средбата беше посочено дека изградбата на овој храм претставува значаен придонес кон духовниот живот на граѓаните и збогатувањето на верската инфраструктура во Општина Карпош.
Општина Карпош на својата територија има повеќе значајни верски објекти, меѓу кои црквите „Свети Пантелејмон“ во Долно Нерези, „Свети Илија“ во Горно Нерези и „Света Троица“ во Бардовци, како и повеќе помали црковни параклиси.

Особено значајно место зазема средновековниот манастир „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези, еден од највредните споменици на културата и духовното наследство во Општина Карпош и пошироко.
Во разговорот беше истакнато дека грижата за постојното духовно и културно наследство, како и поддршката на иницијативите за изградба и уредување на верски објекти, придонесуваат за збогатување на локалната заедница, негување на духовните и моралните вредности и создавање простори кои ги поврзуваат граѓаните.