Министерството за здравство соопшти дека состојбата со епидемијата во Гостивар е стабилна и дека здравствените институции продолжуваат континуирано да ја следат состојбата.
Според податоците, на 31 јули биле регистрирани вкупно 60 први прегледи. Иако во однос на претходниот ден има зголемување, Министерството наведува дека вкупниот тренд е значително понизок во споредба со пикот на епидемијата на 18 јули, кога биле евидентирани 649 први прегледи.
Во периодот од 14 до 31 јули се регистрирани вкупно 4.543 први прегледи. Досега се примени 1.028 формални пријави за заразна болест, а изработени се 730 нови епидемиолошки анкети, што претставува опфат од 71 процент.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека секој ден се земаат разни примероци, се испитуваат истите и оти според него, можеби за првпат во последните децении во Гостивар граѓаните ќе можат да користат вода за пиење којашто ќе е бактериолошки исправна.
„Замолувам за трпение затоа што сериозен пристап имаме и сериозно и сериозно го вршиме овој процес. Јас очекувам, еве, многу скоро од денеска граѓаните да добијат, покрај вода којашто ја користат за технички потреби, и вода за за готвење и за пиење“, кажа Мицкоски.