Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе започнат нови разговори со Иран откако рече дека се воздржал од нов заеднички напад со Израел против Исламската Република со цел да се постигне побрз договор, објави агенцијата Франс Прес.
„Секако, тие не сакаа да бидат нападнати. Тие го знаеја обемот на овој напад бидејќи видоа дека се подготвува. Она што го правиме сега е да разговараме со нив во форма на преговори. Тие започнуваат утре попладне (денеска -н.з,.)“, рече американскиот претседател синоќа во својот авион „Ер Форс Уан“.
Малку порано, Трамп објави дека се откажува од нови напади врз Иран „со нивоа на сила и моќ што не се видени од Втората светска војна“, под услов да се постигне брз договор со Техеран, особено за Ормутскиот теснец.
Американскиот претседател изјави дека барањето за нови разговори со Иран дошло од медијаторите: Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар и самиот Иран. „Постигнат е договор за Ормускиот теснец и ќе има договор за нуклеарното прашање – може да се каже дури и за денуклеаризација на Иран“, рече тој.
Ормускиот теснец, кој е клучен за глобалната трговија со јаглеводороди, повторно е блокиран од Исламската Република по продолжувањето на непријателствата со САД на почетокот на јули, што предизвика големи нарушувања во глобалната економија.
Иран, кој не сака сообраќајот низ теснецот да се врати на состојбата пред војната, во моментов дозволува само една бродска рута по својот брег и има намера да ја задржи контролата врз теснецот, чии дел од водите му припаѓаат на Оман.
Од почетокот на конфликтот, кој започна на 28 февруари со израелско-американска офанзива, американскиот претседател постојано се закануваше дека ќе започне масовни воздушни напади врз Иран пред да се откаже од своите намери, потсетува АФП.
Меморандумот за разбирање потпишан кон средината на јуни, со цел да се отвори патот за мировни преговори, не успеа да доведе до дипломатски пробив и нови реципрочни напади беа започнати на почетокот на јули.