Бизнис

Нискиот водостој на Дунав ги исклучува нуклеарките во Унгарија и Романија

Регионалните цени на струјата веќе растат

Дунав повеќе не е само река со екстремно низок водостој. Во последните денови тој се претвори во сериозен енергетски проблем за голем дел од Европа.

Романија ги исклучи двата реактори во нуклеарната централа Чернавода, Унгарија ја сведе „Пакш“ на околу десетина проценти од капацитетот, а нискиот водостој го намалува и производството на хидроцентралите долж реката. Последиците веќе се видливи на регионалните берзи, каде цените на електричната енергија повторно растат.

Што значи ова за Македонија и дали проблемот со водата во Дунав може да се одрази врз сметките за струја на граѓаните?

Унгарската нуклеарна централа „Пакш“, која покрива околу 40 отсто од производството на електрична енергија во земјата, моментално работи со само околу 240 мегавати наместо вообичаените два гигавати. Централата сè уште не е целосно исклучена. Унгарските власти соопштија дека минималното производство може да трае уште ден-два, но ако нивото на Дунав продолжи да опаѓа, целосното гасење ќе стане неизбежно. Тоа би било прво целосно исклучување на „Пакш“ во нејзината 44-годишна историја.

Причината не е недостаток на гориво или технички дефект, туку водата. Четирите реактори се ладат со вода од Дунав, која по долготрајната суша и топлотните бранови падна на ниво што не дозволува безбедно ладење.

Премиерот Петер Маѓар предупреди на критични денови и ги повика компаниите и граѓаните да ја намалат потрошувачката.

Во Романија ситуацијата е уште посериозна. Двата реактори во Чернавода (по 706 MW) се исклучени поради историски нискиот водостој. Ова е првпат двата реактори истовремено да престанат со работа поради недостиг на вода за ладење. Централата во нормални услови обезбедува околу една петтина од романската електрична енергија.

Нискиот водостој го погоди и хидроцентралите на Ѓердап, а дел од електраните во Централна Европа мораат да го намалат производството. Климатските услови истовремено ги погодуваат и нуклеарните, и хидро, и дел од термоелектраните.

Регионалните берзи веќе реагираат. На унгарската HUPX цената надмина 150 евра за MWh, а на македонската МЕМО беа забележани цени над 100 евра. Раст е регистриран и во Романија, Австрија, Бугарија, Хрватска и Германија.

Тоа не значи автоматско зголемување на сметките за домаќинствата, но значи дека секој увезеен мегават-час ќе биде поскап.

Во мај 2026 година Македонија произведе 462.653 MWh, покривајќи 96,5 отсто од потрошувачката. Сепак, производството силно варира во зависност од состојбата на блоковите во РЕК Битола, хидроакумулациите и други фактори.

Дополнителен товар претставуваат старите термокапацитети. РЕК Осломеј работи со минимални количества, блоковите во Битола се подложни на прекини, а ТЕЦ Неготино е скапа резерва што се вклучува само кога берзанските цени се екстремно високи.

Домаќинствата засега се заштитени преку регулираната цена, додека компаниите на слободниот пазар директно ги чувствуваат повисоките трошоци.

Сушата на Дунав не е далечен еколошки проблем – таа е тест за регионалниот енергетски систем и јасен сигнал за Македонија. Ако „Пакш“ и Чернавода останат исклучени, а хидропроизводството продолжи да паѓа, регионот ќе влезе во есента со помалку струја и значително поскапи мегавати.

Најнови вести од: Бизнис

Како да се ограничи употребата на млеко во прав и палмино масло во млечните производи?!

Стопанската комора со години укажува на проблемите во млекопроизводството, потребата од контрола на квалитетот на домашните и увозните млечни производи и потребата од усогласување на правилата со европските стандарди.

Се намалува делот од платата за плаќање рати – Народна банка со построги правила за кредитите

Од 1 декември се намалува максималниот рок за отплата на станбените кредити од 30 на 25 години, а на хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години, соопшти Народна банка откако ги усвои измените на правилата за кредитирање.

Славески: Структурните реформи можат значително да ја забрзаат конвергенцијата кон ЕУ

Славески нагласи дека воспоставената и долго одржувана макроекономска стабилност создаде цврста основа за развој на нашата економија, додека зголемената трговска отвореност и интеграцијата во европските и глобалните синџири на вредност значително го променија економскиот и извозниот профил на земјата.

Пад на невработеноста – 88.000 луѓе се пријавени во Агенцијата, најголем дел со или без образование

Најголем група на невработени се лицата без образование, или само со основно образование. Тие достигнуваат дури до 50.426 од вкупниот број на пријавени граѓани кои се невработени.

(Фото): НЛБ Банка создава нови урбани простори за младите – нова зона во Дебар Маало

Младите не се само дел од маалото, тие се неговиот најсилен пулс. Денеска НЛБ Банка во паркчето кај „Кино Карпош“ ја отвори првата од четирите NLB Next зони – простор што им припаѓа на младите, за нивните средби, идеи, дружења и иницијативи што го менуваат маалото на подобро. Токму на стартот на академската година, Дебар Маало доби ново место за поврзување, но и силна порака за заедничка одговорност „Чувај го твоето маало“. Отворањето го одбележаа музика, дружење и голем број млади од скопските факултети и средни училишта.

Поради намалените акцизи и ДДВ за горивата, во Буџетот фалат од 6 до 7 милијарди денари

Евентуалните ограничувања на извозот на дизел од САД би можеле дополнително да го затегнат европскиот пазар и да ги зголемат цените. Тоа би бил нов удар и за земјите кои, како Македонија, зависат од увоз на енергенти.

Димитриеска-Кочоска: Модернизацијата на даночниот систем значи поефикасни институции и подобри услуги за компаниите

Дирекцијата за големи даночни обврзници (ДГДО) при Управата за јавни приходи одбележа 20 години од своето формирање, под мотото „20 години Дирекција за големи даночни обврзници – Партнерство, доверба и резултати“.

Најнови вести

To top